Најмалку десетина нови правила се очекува да бидат вклучени во измената на постојната регулатива за планинарење, најавуваат од Министерството за туризам на Непал, откако годинава на Монт Еверест починаа девет лица, што е најголем број во една сезона во изминатите четири години

Од следната пролет планинарите што ќе бараат дозвола за искачување на Монт Еверест ќе треба, меѓу другото, да приложат целосна медицинска историја (уверение), најавува Министерството за туризам на Непал. Најмалку десетина нови правила се очекува да бидат вклучени во измената на постојната регулатива за планинарење, најавуваат од Министерството за туризам.
Заедно со медицинската историја, високогорците ќе мора да достават извештај од овластен лекар за да добијат дозвола за искачување. Правилата, кои би требало да стапат во сила од следната пролет, кога почнува сезоната за искачување, се подготвени во обид да се утврди дека само планинари во добра здравствена состојба ќе се искачуваат на тие височини. Таквите мерки се наметнуваат откако годинава на Монт Еверест починаа девет лица, што е најголем број смртни случаи во една сезона во изминатите четири години.

– На вакви строги мерки се решивме бидејќи до повеќето смртни случаи дојде поради проблемите со здравјето и со физичката подготвеност на планинарите – вели Мира Ачарија, директорка во Одделот за туризам, тело одговорно за издавањето дозволи за искачување.
Официјалните лица велат дека документот за медицинска историја ќе им овозможи да утврдат дали планинарот е доволно подготвен за искачување на високите планини. Досега, само на планинари под 16 години, на лица со сериозни болести и со криминална историја им беше забрането да планинарат во Непал. Според новите правила, сите планинари ќе треба да имаат и задолжително осигурување.
– Тоа е осигурување за пребарување, спасување и за третман, што ќе овозможи спасување и брз третман ако планинарот е болен или заглавен на голема височина. Осигурувањето, исто така, делумно ќе опфати и извлекување на телото во случај на смрт – вели Ачарија.

Преземањето тело над „зоната на смртта“, над 8.000 метри, може да чини околу 200.000 долари, а трошоците за спасување на луѓето под 8.000 м се движат од 20.000 до 60.000 долари, во зависност од локацијата и од ситуацијата. Осигурувањето ќе биде задолжително, бидејќи по планините биле наоѓани авантуристи што тргнале да се искачуваат само со обични полиси за животно осигурување. Во моментов, осигурувањето е задолжително само за водичите и за тие што работат на големите височини.
Друго ново правило се однесува на искуството на качувачите. Досега само од водичите се бараше да имаат сертификат за искачен барем еден повисок врв. Со новите правила планинарите ќе мора да достават и сертификат за завршена основна планинарска обука за да добијат дозвола за искачување. Владината комисија формирана за да препорача мерки со кои искачувањето ќе биде побезбедно, допрва треба да препорача горна старосна граница, бидејќи таа може да биде дискриминаторска и да заврши на суд.

Во мај годинава беше објавена фотографија што го обиколи светот, со огромен број планинари заглавени пред врвот. Поради тоа, како и поради големата бројка настрадани, повеќе меѓународни набљудувачи предложија Непал да го ограничи бројот на издадени дозволи за искачување или да ги зголеми таксите. Владата на Непал одлучи да формира посебен комитет за да утврди нов надоместок за искачување на Еверест. Но, од друга страна, нема намера да го ограничи бројот на планинари што сакаат да стигнат до највисокиот врв, главно, како што велат, заради кампањата „Посетете го Непал во 2020-та“, која има за цел да донесе два милиони туристи следната година. Според Одделот за туризам, на 22 мај годинава 223 планинари се искачиле на Монт Еверест што е рекордна бројка на искачувања во еден ден.
Македонскиот хималаист, високогорец и алпинист Здравко Дејановиќ, човекот што се искачи на Монт Еверест во 2010 година, потоа на К2 во 2014-та и на Анапурна во 2015 година, смета дека новите правила што ги заговара непалската влада генерално се во ред, но не очекува нешто битно да променат кога станува збор за условите при искачувањата на високите врвови и за безбедноста на планинарите.

– Мислам дека и понатаму ќе има луѓе што ќе сакаат да се качат на Монт Еверест и на другите врвови над 8.000 метри и во таа намера нема да ги спречат никакви ограничувања. Затоа овие нови правила ми изгледаат како начин да се заработат повеќе пари, ништо друго. И досега се плаќаше осигурување за спасувачки хеликоптер и слично, тоа не е ништо ново. Лекарски уверенија и други сертификати не е тешко да се извадат. Мешаници пред врвот на Еверест, особено од непалската страна ќе има и понатаму, а глетката од мај и понатаму ќе се повторува. Јас немам доживеано нешто слично, бидејќи се искачував од северната, кинеска страна, која е помалку експлоатирана – вели Дејановиќ.