Поради ескалацијата на коронавирусот, откажани се велосипедските трки Тирено – Адриатико и Милан – Сан Ремо, како и Џиро ди Сицилија, кои беа закажани за наредните четири недели

Поголемите велосипедски трки се меѓу најновите спортски настани што беа откажани во Италија поради ескалацијата на коронавирусот. Организаторот РЦС спорт ги откажа трките Тирено – Адриатико (од 11 до 17 март) и Милан – Сан Ремо (21 март), како и Џиро ди Сицилија, кои беа закажани за наредните четири недели. Тирено – Адриатико се одржува секоја година од 1966-та, а еднодневниот „класик“ Милано – Сан Ремо, кој се вози од 1907 година, претходно не се одржал само за време на војна. Џиро ди Сицилија требаше да се вози од 1 до 4 април.
Поништените трки сигурно ќе имаат импликации за подготовките на возачите за најголемите грантур-трки годинава, Џиро д’Италија (9-31 мај) и Тур де Франс (27 јуни-19 јули). Тур треба да почне една недела порано од вообичаениот термин за да се избегне совпаѓањето со Игрите во Токио (24 јули-9 август).
Италијанската влада во средата издаде указ според кој сите спортски настани во земјата мора да се одржуваат без публика, до 3 април. Ова се однесува и за фудбалот во Серија А.

Италијанскиот министер за спорт Винченцо Спадафора побара од фудбалската федерација на земјата сите натпревари што се играа минатиот викенд да се пренесуваат бесплатно на телевизија „со оглед на сериозноста на непријатната ситуација што влијае врз населението “. Италија е епицентарот на појавата на коронавирус во Европа. Досега починаа над 150 луѓе, а повеќе од 3.000 се заразени, главно во северниот дел на земјата.
Француската фудбалска лига го одложи саботниот натпревар меѓу Стразбур и лидерот ПСЖ, по декрет од префектурата на покраината Алзас. За вчерашниот натпревар Лил – Лион беше најавено дека покривот на стадионот „Пјер-Мороа“ ќе остане отворен дури и ако врне дожд.

Француската фудбалска лига презеде и други мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, како што се забрана за ракувања и други модифицирани протоколи. И во Италија беа укинати конференциите за медиумите по фудбалските натпревари, со тоа што на ТВ-станиците тоа им е дозволено, но под одредени услови.
Данскиот фудбалски клуб Копенхаген соопшти дека сите натпревари во март ќе ги игра без публика. Одлуката следуваше по препораката на данскиот премиер Мет Фредериксен јавните настани со над 1.000 лица да бидат откажани или одложени поради коронавирусот.

Две други дански фудбалски екипи, Митјиланд и Архус, ги забранија интервјуата во живо со играчите, тренерите и другите вработени. Наместо тоа, сите интервјуа ќе може да се прават по телефон. Интервјуа со медиумите по натпреварите сѐ уште ќе бидат можни, но ќе се намалат само на неколку минути и на безбедно растојание на два метра помеѓу играчот и новинарот.

Завршницата на Светскиот куп (СК) во алпско скијање што сезонава требаше да се одржи во Кортина д’Ампецо, Италија (18-22 март), е откажана по итниот состанок на Извршниот одбор (ИО) на Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
– Со големо разочарување ја прифаќам оваа одлука, која членовите на ИО ја донесоа врз основа на ограничувања што ги воведоа нивните влади во врска со вирусот – рече претседателот на италијанската федерација за зимски спортови Флавио Рода.