Николовски (прв од лево), пред почетокот на последното коло

Интернационалниот мајстор (ИМ) Никола Николовски (2.435 рејтинг-поени, рангиран трет), член на ШК Гамбит Асеко СЕЕ и македонски репрезентативец, го освои првото место на меѓународениот шаховски турнир „Опен Скопје 2019“, кој вечерва заврши во хотел „Континентал“.

Во конкуренција на 77 шахисти (три ВМ, три ИМ, шест ФМ, еден ЖФМ) од Србија, Русија, Белгија, Албанија, Бугарија и од Македонија, Николовски (21) по девет одиграни кола освои 7,5 поени (шест победи и три ремија). Во последното коло, тој со бели фигури го совлада скопскиот ФМ Димитар Качаковски (2.073).

Второто место му припадна на ИМ од Србија Борољуб Златановиќ (2.365, рангиран 5-ти), а третото на ИМ од Русија, Вјачеслав Тиличеев (2.493, рангиран прв). И двајцата имаа ист број на поени како и победникот, но со послаб дополнителен критериум. Четвртото место му припадна на ФМ од Неготино Тони Лазов (2.414) со 7 поени, петти е искусниот ВМ од Прилеп Звонко Станојоски (2.457, рангиран 2-ри) со 6,5, колку што имаше и шестопласираниот, ВМ од Бугарија, Владимир Димитров (2.285).

Турнирот, кој по повеќегодишно апстинирање, повторно годинава се активираше со класично темпо на расмислување, мина во одлична организација, а победничкиот пехар и паричната награда од 30.000 денари на Николовски му ги додели претседателот на Шаховскиот сојуз на градот Скопје, Ѓорѓи Миновски. Г.И.

ПОЗНАЧАЈНИ РЕЗУЛТАТИ, 9-TО КОЛО

Ванден (Белгија, 2.074) – ИМ Златановиќ (Србија, 2.365) 0-1

ФМ Љ.Илиќ (Македонија, 2.079) – ИМ Тиличеев (Русија, 2.493) 0-1

ИМ Николовски (Македонија, 2.435) – ФМ Качаковски (Македонија, 2.073) 1-0

ФМ Лазов (Македонија, 2.414) – Спасов (1.744) 1-0

Јанков (Македонија, 2.175) – ВМ Станојоски (Македонија, 2.457) 0-1

ВМ Кутиров (Македонија 2.308) – Главинац (Македонија, 2.069) реми

ВМ Димитров (Бугарија, 2.285) – Тркаљанов (Македонија, 2.125) 1-0

ФМ Чела (Албанија, 2.236) – Трајковски (Македонија, 2.075) 0-1