Фото: Игор Бансколиев

ОДБОЈКА – УТРЕ ПОЧНУВА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО

Одиме меч по меч, нема да правиме какви било калкулации однапред. Што се однесува до натпреварите и до противниците, не прифаќам дека некој е подобар сѐ додека не нѐ победи на терен. Кога ќе се влезе во натпревар, треба да се верува во победа, инаку зошто би играле, вели селекторот Николиќ

Македонската машка одбојкарска репрезентација утре (меч со Финска, од 18 часот, пренос МТВ) го почнува својот настап на 32-то Европско првенство (ЕП), во групата Ц, во Тампере, Финска. ЕП ќе се игра уште и во Полска, Чешка и во Естонија. Ова ќе биде втор настап за Македонија на континенталните првенства, по оној во 2019 година, кога црвено-жолтите играа во Љубљана и кога го освоија 17-то место.
– Не би сакал да коментирaм какви резултати може да постигне Македонија на ова ЕП, што е реалниот дострел и не можам ништо да ветувам. Посакувам и очекувам да одиграме најдобро што можеме на секој натпревар и потоа да ги сумираме резултатите. Генерално, на добар пат сме, имавме опсежни, речиси двомесечни подготовки, задоволен сум како сѐ помина, иако секогаш потенцирам дека може и подобро – изјави селекторот на Македонија, Душко Николиќ.
Селекторот вели дека треба да се оди меч по меч.

– Првиот меч може и не мора да биде битен. И да се добие, нема гаранција дека ќе одиме во следната рунда. Одиме меч по меч, нема да правиме какви било калкулации однапред, оти лесно можеме да се загубиме некаде. Што се однесува до натпреварите и до противниците, не прифаќам дека некој е подобар сѐ додека не нѐ победи на терен. Кога ќе се влезе во натпревар, треба да се верува во победа, инаку зошто би играле. Прв фаворит во групата е Русија, па Турција, на која ѝ се приклучија уште неколку играчи и сега е поквалитетна од онаа селекција со која игравме во квалификациите за ЕП во јануари во Скопје. Што се однесува до фаворитите за медали, ги има повеќе. Тоа се Русија, Полска, Србија, Франција, Италија, Словенија, Бугарија, Турција, Украина. Ќе биде интересно во секој поглед – вели Николиќ.
Македонските одбојкари ги одржаа и првите тренинзи во Тампере. Македонија и Финска се сретнаа во првото коло и на минатото ЕП. Од тој дуел нема големи играчки промени кај црвено-жолтите, има нов селектор, а кај Финците селекторот Анти Силтала им даде повеќе можност на помладите одбојкари примачи.

– Поминавме долг период заедно, уште од Европската лига, во која не бевме во вистинско светло, но ова е друг терен, помотивирани сме и сѐ е поинаку. Ова е ЕП и не смееме да дозволуваме лесни грешки, затоа што противниците поефикасно ќе го казнат тоа. Мислам дека сме подготвени и дека в среда натпреварот ќе заврши како што посакуваме, а тоа е победа за Македонија – вели репрезентативецот Александар Љафтов.

Најдобрите четири репрезентации од сите четири групи на ЕП 2021 ќе се пласираат во осминафиналето, а таму селекциите од групата Ц (во која игра Македонија) ќе се сретнат со репрезентации од групата А, во која се Белгија, Грција, Полска, Португалија, Србија и Украина. Г.И.; Л.Д.


ГРУПА Ц, ПРВО КОЛО
Македонија – Финска среда, 18 ч.
Русија – Турција четврток, 16 ч.
Холандија – Шпанија четврток, 19 ч.