Шефот на ЛОИ во Токио, Јоширо Мори, изјави дека тој и неговиот тим не размислуваат за промена на плановите за одржување на ЛОИ летово. Брзото ширење на коронавирусот низ Европа, пак, влијае на повеќе спортови

Шефот на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио годинава, Јоширо Мори, изјави дека тој и неговиот тим не размислуваат за промена на плановите за одржување на ЛОИ и дека членот на Извршниот одбор (ИО), Харијуки Такахаши, кој во изјава за „Ројтерс“ споменал дека е можно одложување поради коронавирусот, се извинил. Такахаши рекол дека одложување на една или две години ќе биде „најизводлива“ опција доколку Игрите не се одржат летово. Таа изјава е во спротивност на она на што досега инсистираа организаторите и Интернационалниот олимписки комитет, дека и покрај проблемите со коронавирусот, со „полна брзина се оди напред“ во организацијата на Игрите.

Брзото ширење на коронавирусот низ Европа, пак, го зема својот данок и во ракометот, така што во многу земји домашните шампионати или не се играат или се играат без публика. Во Македонија домашните првенства во сите спортови ќе продолжат без гледачи, така ќе биде и за меѓународните средби, а, на пример, прекината е работата на ракометните школи низ земјава, откажани се младинските фудбалски натпревари итн. И во други земји се игра без публика (така играа во Регионалната лигата Загреб и Татран, а во Романија оваа мерка ќе важи до 31 март). Француските власти одлучија да има најмногу 1.000 гледачи на мечевите. Во Полска домашните натпреварувања ќе се играат без публика, како и мечевите од осминафиналето во ЛШ на Киелце и на Висла.

Забраната за одржување спортски натпревари во Италија се заканува со откажување на 103-то издание на велосипедската трка Џиро д’Италија, првата грантур-трка годинава, а веќе се откажани некои традиционални трки. Почетокот на трката е закажан за 9 мај во Будимпешта, а три дена подоцна велосипедистите треба да пристигнат во Италија каде што ќе возат до 31 мај. Постојат стравувања дека и Тур де Франс би можел да се одложи, иако претпоставките се дека до јули опасноста од коронавирусот ќе се намали. Џиро се одржува секоја година од 1909-та (Тур се вози од 1903 година), со исклучок на годините во периодот на Првата и на Втората светска војна. Л.Д.;Та.Д.