До крајот на ЕП 2021 остануваат уште пет неизвесни кола во обете конкуренции. По четири кола, шахистите се на 37-то место, а шахистките на 21-та позиција

ШАХ – ПО ЧЕТИРИ КОЛА НА ЕВРОПСКОТО ЕКИПНО ПРВЕНСТВО

По четири кола на 23. екипно Европско првенство (ЕП) во Терме Чатеж (Словенија), македонските шахисти со три пораза и едно реми (пет поени по табли), моментно се на 37-то место во конкуренција на 39 селекции, а шахистките се на 21-то место, со една победа и два поразa (во првото коло беа слободни и освоија еден екипен бод и два по табли) и имаат вкупно три бода (6,5 поени по табли), меѓу 31 селекција. Во вчерашното петто коло, шахистите беа слободни и автоматски ќе освојат еден екипен бод и два по табли, а шахистките играа со Чешка (рангирана на 16-то место пред ЕП). До крајот остануваат уште пет неизвесни кола во обете конкуренции, ако се знае дека многумина го сметаат ЕП за потешко натпреварување отколку Шаховска олимпијада.
– Некои шахисти премногу трошат време за размислување, па ги губат партиите токму поради цајтнотот. Се надевам дека ќе се поправат во оваа насока и дека нема повеќе да влегуваат во недостиг од време во речиси секоја партија. Тука секако има улога и тремата, бидејќи и двете селекции се млади, а играат со силни противници. Ако на првата табла е најтешко да се игра, тогаш на последната ќе мора да бидеме подобри. Очекувам до крајот да одиграме многу подобро и поборбено на сите табли во оваа силна конкуренција – вели селекторот на двете македонски репрезентации, ВМ Трајко Недев.

На ЕП 2003 во Пловдив, кога двете селекции го имаа најдобриот пласман на ЕП (шахистите беа 12-ти од 37 селекции за кои играа 182 шахисти, од кои 111 ВМ, а шахистките беа 19-ти од 31 репрезентација со 88 шахистки, од нив 46 ЖВМ), во машката селекција сите беа со титулата велемајстор (ВМ), по четвртото коло мажите имаа четири бода (10 по табли), жените имаа три (3,5 поени по табли, но со настап на по две претставнички на меч), а Македонија на тоа ЕП поединечно се закити со три медали (ВМ Кирил Георгиев на првата табла освои бронзен медал со 5,5 поени од осум партии, ВМ Недев сребро на четвртата табла со 5,5/7, а ЖФМ Весна Секуловска освои сребро на втората табла со 5/7).
На ЕП 2021 во Словенија се пријавени 39 репрезентации со 193 шахисти (127 ВМ, 37 ИМ), а кај шахистките 31 селекција со 154 шахистки (11 ВМ, 23 ЖВМ). Кај мажите по четвртото коло водат Азербејџан, Унгарија и Русија со по седум бода, а кај жените Русија е прва со осум, пред Италија со седум бода. Титулите од 2019 година во обете конкуренции ги брани Русија.