АТЛЕТИКА

Организаторите на лондонскиот атлетски маратон, закажан за 3 октомври, веруваат дека на него ќе можат да учествуваат рекордни 50.000 тркачи. На ланскиот маратон настапија само врвни атлетичари, кои поради пандемијата на ковид-19 трчаа во специјално дизајниран затворен круг. Директорот на настанот, Хју Брашер, рече дека се надева оти програмата за вакцинација ќе овозможи да настапат и тркачи-аматери. Владата има цел да му понуди вакцина на секој возрасен човек во Велика Британија до есен, пишува „Би-би-си“.
Со настапот на 50.000 маратонци би бил надминат досегашниот рекорд од 2019 година, кога трката ја почнале 42.906 натпреварувачи. Организаторот проценува дека настанот ќе привлече и околу 750.000 гледачи, за што ќе му бидат потребни и околу 6.000 волонтери за да им помогнат тој ден.
– Владата зборува дека сите ќе бидат вакцинирани во земјата до септември, така што се надеваме дека ова е светилник на надеж во иднината. Разговараме со научници, со други организатори низ светот каде што има вакви настани и како се случиле. Затоа и гледаме позитивно на 3 октомври – рече Брашер за „Би-би-си“.
Втора година по ред трката е поместена од својот традиционален априлски датум. Организаторите ќе повикаат уште 50.000 луѓе за виртуелно да истрчаат 42.195 метри. Лани виртуелно настапиле 38.000 тркачи.