На Кејот на Вардар хронометарска трка на 10 км

На Кејот на реката Вардар, со старт и цел под мостот „Гоце Делчев“, утринава од 6.30 до 9.30 часот ќе се одржи трката на хронометар на 10 км. Организатори на трката на која ќе настапат 270 атлетичари (200 мажи и 70 жени) се АК Работнички и Сојузот на спортови на Град Скопје. Атлетичар(к)ите што ќе стартуваат на временско растојание од 20 секунди, можеа да избираат кога ќе ја почнат трката во која ќе се натпреваруваат сами со себе и со секундите. Покрај асфалтната патека до вливот на реката Лепенец во Вардар и назад, нема да биде дозволено присуство на публика, односно собирање во поголеми групи.

– По пауза од над 100 дена, поради проблемите со пандемијата на коронавирусот, организираме една трка, која верувам ќе ги исполни очекувањата. Испочитувани се сите медицински и безбедности протоколи, сите учесници стартните броеви ги добија по пошта, доаѓаат непосредно пред стартот, со маски и пред да почнат да трчаат ќе треба да минат четири „бокса“. По завршувањето на трката следуваат дезинфекција, нова маска, подигање на медалите и на наградите, без церемонии и собирања и секој си оди дома. Ова е еден од начините да покажеме дека и во вакви услови може да се одржуваат трки, јасно со почитување на сите мерки за претпазливост – вели Кире Синадиновски, еден од организаторите на трката.

За денешната трка се пријавени сите најдобри македонски атлетичар(к)и на оваа делница, а како главни фаворити за триумф се издвојуваат Адријана Поп Арсова и Дарио Ивановски. Постигнатите времиња нема да се вреднуваат како рекорди, туку само како најдобри времиња, бидејќи нема масовен старт.