Валас се фотографира со возачите кои му пружија поддршка по инцидентот

Пред околу педесет години беше отворена тркачката патека Таладега во Линколн. Тогаш, а и сега, таа претставува духовен дом на американското автомобилско натпреварување НАСКАР, на истиот начин како што тоа е „Фенвеј парк“ за бејзболот. Таа нема врвни услови, но е една од оние кои поседуваат најмногу носталгија, пишува „Глоуб енд мејл“.

Еден од најодговорните за нејзината изградба беше тогашниот гувернер на сојузната држава Алабама и потенцијален кандидат за претседател Џорџ Валас. Кога тој почина, отпорниот на куршуми автомобил „Линколн“ во кој гувернерот кружеше по патеката пред почеток на трките беше изложен во Куќата на славните на мотоспортовите во Алабама.

Валас е запаметен по две нешта – НАСКАР и сегрегацијата. Тој е човек кој се издигна со слоганот „Сегрегација сега. Сегрегација утре. Сегрегација засекогаш.“ Па, соодветно е НАСКАР да се соочи со своето минато во Таладега.

Пред една недела,  натпреварувањето го забрани знамето на Конфедерацијата на трките. Еден возач се откажа од натпреварувањето во знак на протест. Додека НАСКАР ја поттикна дискусијата за расна нееднаквост, вниманието на медиумите беше насочено кон Баба Валас (кој нема роднинска поврзаност со Џорџ Валас), единствениот црномурест возач во натпреварувањето.

Валас требаше да означи напредок за НАСКАР. Имаше едноставна задача, самостојно да докаже дека НАСКАР може да се адаптира. Тоа не е фер задача. Како што може да се забележи додека се гледа неконтролираното движење на тркало отпаднато на патеката, тркањето бара концентрација. Ослободувањето од регионалната опсесија со минатото звучи како постојана работа.

Откако беше „откриен“ во 2012 година Валас се обиде незабележително да се вклопи, велејќи дека претрпел расистички навреди уште од првиот ден на неговата кариера, притоа истакнувајќи оти „тие не го повредуваат“. Што звучи невозможно.

Валас ја градеше репутацијата неколку години. До 2017 тој стигна до главното натпреварување. Тој има 26 години и уште е без победа на трка од куп-серијата. Но пред две недели Валас стана најпознатиот активен возач во Северна Америка.

Тој повика на отстранување на знамето на Конфедерацијата од настаните на НАСКАР. На раководството на НАСКАР му беа потребни неполни два дена за да се согласи со него. Тој стави цртеж со слоганот „Црните животи значат“ на неговиот автомобил. Сопственикот на неговиот тим Ричард Пети се согласи и додаде знак на мирот на автомобилот. 

Тимот завчера откри бесилка оставена во нивната гаража на патеката Таладега. Во тој момент, промената која беше во тек во НАСКАР стана сеизмички настан. Вообичаената претпазливост меѓу натпреварувачите исчезна и целиот спорт се соедини кон изразувањето солидарност за Валас, како и гнев за инцидентот. Пред вчерашната трка сите други возачи и екипи го туркаа неговиот автомобил на стартната линија. 

Многумина беа разлутени, но вистинската промена во врска со едно од прашањата кое предизвикува поделби во општеството не е резултат на меѓусебно согласување. Луѓето имаат начин да се оддалечуваат од договорите. Промената е резултат на грозење. Вистинската промена се случува кога една страна го препознава сопствениот аргумент како морално одбивен.

– Кој и да ја постави јамката, предизвика расправата за знамето на Конфедерацијата и расизмот во НАСКАР да станат невозможни. Кога полицијата ќе ја заврши истрагата, тие треба да го отстранат и „Линколнот“ на Џорџ Валас и да ја стават бесилката во колекцијата на музејот. Минатото кое го почитуваат некои луѓе се согледува во ваквата реалност. Не сум сигурен што можете да кажете за културата што ја прифаќа идејата за убивање на соседите. Но потполно сум сигурен дека врз неа не може да се гради иднината – вели авторот на текстот.

Еден ден ќе снимат филм за овие случувања. Приказната ги има сите елементи – добро против зло, издрживост, брзи автомобили, промена на ставовите, и она што е најважно, искупувањето. Не на Баба Валас. Туку на другите луѓе, преку Валас. Тој пружи прилика на НАСКАР за откажување од минатото и одење напред. За 10 години ќе треба да видиме што се случило. Но претпоставувајќи дека НАСКАР ќе осмисли начин да излезе од ова зло и оттука да вирее, ќе кажат дека Валас е еден од великаните на спортот. Бидејќи тој ги создаде околностите кои би можеле тоа да го остварат.