За стрелачката, златна параолимпијка од Параолимписките игри во Лондон во 2012 година, Оливера Наковска-Бикова, 8 март е ден како и речиси сите други, и не му придава некое големо значење. – На жената треба да ѝ се посветува внимание секојдневно, а не еднаш во годината. Жените треба да ги имаат истите права како и мажите насекаде во светот, секој ден да е ден на рамноправност на жената. Инаку, за мене тоа е обичен ден, како и сите други, ниту го прославувам или нешто слично, не гледам дека нешто посебно треба да се одбележува. Порано се случувало да отидам некаде на вечера со сопругот, па и на излет, но последниве години тоа поретко се случува, поубаво ми е дома, со децата, во семејна атмосфера – вели Наковска-Бикова, која наредниве месеци ја очекуваат настапи на силни меѓународни турнири како подготовка за настап на Параолимписките игри (ПОИ) во Токио, од 25 август до 6 септември.