Рафаел Надал изјави дека ќе биде многу тешко за тенисот да се врати во акција во скоро време и е загрижен за ризикот од повреди кога ќе се продолжи со спортот. Шпанскиот тенисер зборуваше во заедничкото интервју со кошаркарот од НБА-лигата Пау Гасол, кое беше објавено од шпански спортски весници, пренесе агенцијата АП

– Мислам дека тренирањето не би било проблем, но натпреварувањето… Мислам дека е многу тешко. Ова е момент кога треба да бидеме одговорни и кохерентни, така што не гледам како можеме да патуваме секоја недела во друга земја – рече Надал.
Тој вели дека иако постои помал ризик од зараза во тенисот во споредба со тимските спортови, има многу луѓе што се вклучени во организирањето на тениските турнири, од хотели до други сектори на општеството.

– Што се однесува до натпреварувањето, можеби нашиот спорт е најкомплициран, бидејќи мора да се движат многу луѓе секоја недела – рече Надал, пренесе АП.
Надал е загрижен и дека ризикот од нови повреди ќе се зголеми кога играчите ќе се вратат во акција.
– Кога сте надвор од акција, ризикот од повреда е многу поголем отколку кога вежбате, дури и ако е малку – рече 19-кратниот освојувач на гранслем-трофеи.