Шпанскиот тенисер Рафаел Надал смета дека во тенисот има помалку допинг за разлика од другите спортови.

– Во сите спортови има луѓе кои мамат, но мислам дека во тенисот досега немало сериозни случаи на допинг. Воглавно тоа е многу поретко отколку во другите спортови, иако и за нас контролите се строги и мораме да бидеме достапни за проверки во текот на целата година без разлика каде се наоѓаме – истакна Надал за италијанскиот весник „Газета дело Спорт“.

Според шпанскиот тенисер, освен допингот, горлива тема во спортот се и наместените натпревари.

– На малите турнири веројатно тој проблем постои, но не и на големите натпреварувања. Мислам дека АТП кон оваа тема пристапи многу сериозно, наведе Надал.

Актуелниот најдобар тенисер во светот досега има освоено 17 грaнслем-трофеи.