Мухамад од САД го урна сопствениот светски рекорд на 400 м со пречки, Баршим од Катар во скок во височина предизвика одушевување на трибините, а Ковач од САД победи во фрлање ѓуле во највозбудливото финале на светските првенства

Зоран Михајлов
специјално од Доха за „Нова Македонија“

Како што влегувавме во завршницата на Светското првенство во атлетика во Доха, така стануваше поинтересно и повозбудливо. Во осмиот и во деветтиот ден од шампионатот бевме сведоци на уривање на еден светски рекорд – Мухамад на 400 метри со пречки, потоа на највозбудливото финале во фрлање ѓуле на СП и на ерупција од одушевување кога Мутаз Еса Баршим во скок во височина му донесе злато на Катар.

Секогаш кога се бара најуспешниот на ваквите приредби, тогаш прстот се вперува кон оној што постигнал најдобар резултат и урнал светски рекорд. Овој пат тоа е Делајла Мухамад од САД, која во трката на 400 метри со пречки постави нов светски рекорд со време 52,16 секунди, со што практично за четири стотинки го подобри сопствениот рекорд, од јули годинава. Меѓутоа, за извонредната трка на Мухамад многу придонесе нејзината сонародничка Сидни Меклауглин, која во текот на целата трка ѝ вршеше силен притисок и ја напаѓаше, постигнувајќи за шест стотинки послабо време од победничката. Трета беше Клејтон Решел од Јамајка со резултат 53,74 секунди.

Претпоследниот ден од СП во атлетика во Доха ќе се памети најмногу по жестоката борба во фрлање ѓуле во машка конкуренција. Првпат во историјата на првенствата дури четворица атлетичари ја префрлија границата од 22,50 метри. Во таа неизвесна битка победи Американецот Џо Ковач со резултат од 22,91 метри, што е трето постигнување на сите времиња. Ковач беше светски првак во Пекинг, а во Лондон беше втор.

На втората позиција во последното фрлање со резултат од 22,90 метри дојде неговиот сонародник Рајан Кроусер, а со ист резултат, но со послаба серија бронзениот медал го освои шампионот од Лондон, Том Волш од Нов Зеланд.
За разлика од неизвесната и драматична борба во фрлање ѓуле, во трките на 1.500 и на 5.000 метри за жени победија оние што во текот на целата трка го диктираа темпото. На 1.500 метри тоа беше Холанѓанката Сифан Хасан со време од 3:51,95 минути, што е нов рекорд на шампионатите, шести на сите времиња и второ злато за неа. Втора беше Фаит Кипјегон од Кенија со време 3:54,22 минути, а трета Гудеф Цегаи од Етиопија со 3:54,38 минути.

Она што го направи Хасан на 1.500 метри го демонстрира и Кенијката Хелен Обири во трката на 5.000 метри. Таа постојано ја контролираше трката и не го препушташе лидерското место. Со извонреден спринт во финишот Обири ја одбрани титулата од Лондон, со резултат 14:26,72 минути. Втора беше нејзината сонародничка Маргарет Кипкоеч со 14:27,49 минути, а трета, што беше големо изненадување, низ целта помина Германката Констанца Клостерхалфен со време 14:28,43 минути.

Скокот во височина за мажи беше дисциплината што најмногу ја очекуваа домаќините. Причина за тоа беше фактот што во неа настапуваше нивниот миленик Мутаз Еса Баршим, кој ја бранеше титулата од Лондон. Баршим беше втор и на Олимписките игри во Рио во 2016 година. Тој не ги разочара гледачите, иако во еден момент на помала височина пројави мала несигурност и ја урна летвичката. Но кога помина кризата, прелета 237 см и го одбрани лондонското злато. Тоа беше повод на трибините да дојде до ерупција од одушевување, ретко видено на стадионите, сите беа на нозе и радосно ја поздравија големата победа на Баршим. Русите Михаил Акименко и Иља Иваник со ист резултат, 235 см, беа на второто, односно на третото место.

Во трискок за жени Јулимер Рохас од Венецуела, која е и лидерка на светската ранг-листа, оствари уверлива победа со скок од 15,37 метри. Така, таа го одбрани златото од Лондон. Втора беше Шениека Рикетс од Јамајка со 14,92 м, а трета двократната светска првенка, Колумбијката Катерин Ибаргуен со 14,73 метри. Во машкиот маратон, кој поради високите температури преку ден во Доха стартуваше во невообичаено време, на полноќ, победи Лелиса Десиса од Етиопија со време 2:10,40 часа. Втор низ целта помина неговиот сонародник Мосимет Геремев, со само четири секунди задоцнување, а трет со доцнење од 11 секунди беше Кениецот Амос Кипруто.


Петта штафетна титула за Јамајка

Во женската штафетна трка 4×100 метри на Светското првенство во атлетика во Доха титулата ја освои Јамајка, која беше предводена од Прајс. Резултатот од 41,44 секунда беше доволен за петтата светска титула на спринтерките од оваа карипска земја. Втора беше Велика Британија со време 41,85 секунда, а трета штафетата на САД со 42,10 секунди.

Кај мажите, Американците во состав Колеман, Гатлин, Роџерс и Лајлс беа први со 37,10 секунди, што е втор резултат на сите времиња. Втора беше штафетата на Велика Британија со резултат 37,30 секунди, трет резултат на сите времиња, а трета Јапонија со 37,43 секунди.