ТЕНИС – ЗАВРШЕН ВТА-ТУРНИР

Шпанската тенисерка Гарбине Мугуруза (28) триумфира на завршниот годишен турнир на ВТА, кој се играше во Гвадалахара (Мексико), откако во финалето беше подобра од естонската претставничка Анет Контавеит со 2-0 во сетови (6-3, 7-5). Со тоа Мугуруза стана првата тенисерка од Шпанија што го освоила завршниот турнир во сезоната.
Финалињата на ВТА се играат од 1972 година, а најмногу триумфи има Мартина Навратилова, осум, по пет трофеи освоија Серена Вилијамс и Штефи Граф итн.
– Мислам дека ова е најдобра играчка година за мене. Можеби не освоив гранслем-турнир, но среќна сум поради оваа титула – рече Мугуруза.
Мугуруза ќе ја заврши годината на третата позиција на ВТА-листата, додека Контавеит по пласманот во финалето ќе биде седмопласирана.
Откако стана професионална тенисерка во 2012 година, Мугуруза освои 10 поединечни титули, вклучувајќи и три големи, Отвореното првенство на Франција во 2016 година, потоа Вимблдон во 2017 година и сега во финалето на ВТА.