Вимблдон останува, како и во последните години, тежок „залак“ за младите играчи. Додека „големата тројка“ продолжува да блеска на тревните терени во Лондон, лесно обезбедувајќи пласман во последните осум, нивните помлади ривали настапија без позначајни успеси, повторно создавајќи веќе видена ситуација на гранслем-турнирите, пишува колумнистот Самуел Ловет за „Индипендент“.

Минаа 17 години откако некој друг освен Роже Федерер, Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ или Енди Мареј освои титула во „Сеанглискиот клуб“. Настрана од Мареј, доминацијата на триото е без преседан. Заедно, тие создадоа една славна спортска епоха која трае веќе две декади, со назнаки за влез во третата.

– Мала е веројатноста дека некој друг освен Федерер, Надал или Ѓоковиќ дека ќе биде шампион на Вимблдон годинава. Четвртфиналистите како Сем Квери, Кеи Нишикори и Давид Гофан не изгледаат како сериозна закана за триото – констатира колумнистот на „Индепендент“.

Надежите и оваа година беа полагани во младите тенисери кои во текот на сезонава имаа многу ветувачки резултати, поради што се веруваше дека тие конечно би можеле да бидат сериозна закана за тројцата ветерани. Но, тие уште еднаш не успеаја да ги исполнат очекувањата, па така оваа година првпат во историјата на Вимблдон во 4-то коло има повеќе тенисери над 30 години.

Вообичаено тениските надежи што би ја оспориле доминацијата на „големата тројка“ се бараат од т.н. „следна генерација“ (учесници во натпреварувањето „Некст џен“ за најдобрите тенисери до 21 година – н.з.), но неисполнетите очекувања на талентираните играчи доведоа до создавање на терминот „загубена генерација“ (лост џен), во која спаѓаат тенисери во нивните средни дваесетти до рани триесетти години.

Што се случи со „новата генерација“? Стефанос Циципас, Александер Зверев, Франсес Тиафо и Денис Шаповалов изгубија во првата рунда, Андреј Рублев и Тејлор Фриц во втората, а Феликс Огер-Алијасим и Данил Медведев во третата. Разочарувачки резултати за играчите кои покажаа охрабрувачка форма досега на АТП-турот, особено за Гркот Циципас, кој претходно имаше успеси против легендарното трио.

– Младите има уште многу да учат и да собираат искуство. Како што поминуваат годините, навидум супермоќите на „големата тројка“ бледнеат и тие ќе добиваат нови можности. Но засега, треба да бидат трпеливи и да сфатат дека Федерер, Надал и Ѓоковиќ иако доминираат, нема да траат вечно – пишуваат од „Индепендент“.

Во меѓувреме, тенискиот свет мора да „живее“ со моќта, славата и доминацијата на големата тројка. Иако веќе долго време состојбите во „белиот спорт“ се непроменети и неблагодарно е да се очекува брзо заминување на тројката. Наместо брза промена, тенисот на Федерер, Надал и Ѓоковиќ треба да се почитува и ужива во сите форми, се до нивното неизбежно повлекување како спортисти кои комплетно ја променија оваа игра, завршува Ловет.