Ги користам сите моменти за да направам добар тренинг за да ја одржам формата. Сметам дека ќе освојам олимписка норма, а во Токио, секако, ќе одам и на медал. Моја цел е секогаш врвот, вели таеквондистот Георгиевски

ДЕЈАН ГЕОРГИЕВСКИ, ТАЕКВОНДИСТ И КАНДИДАТ ЗА НАСТАП НА ЛОИ В ГОДИНА ВО ТОКИО

За секој спортист ова е тежок период, а најмногу од сѐ ми недостигаат борбите. Ги користам сите моменти за да направам добар тренинг за да ја одржам формата што ја стекнав на висинските подготовки од 22 дена во почетокот на годината во олимписката база Белмекен во Бугарија. Сметам дека до крајот на летово спортот повторно нормално ќе функционира, за неколку месеци пандемијата ќе биде минато, а јас пак ќе можам целосно да бидам на боралиштата во светот и пак да бележам успешни резултати, вели македонскиот таеквондист и кандидат за настап за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2021 година, Дејан Георгиевски (21), член на ТК Бутел.
Речиси како и сите спортови, така и таеквондото е во мирување поради пандемијата на коронавирусот.

Георгиевски, кој и во вакви услови, сепак, продолжува индивидуално да се подготвува, за да ја одржи формата на што повисоко ниво, моментно е 36-ти на олимписката (категорија над 80 кг) и 23-ти на светската (над 87 кг) ранг-листа во таеквондо. Тој е носител на бронза од Европското првенство (ЕП) до 21 година и на злато од сениорското ЕП, во 2017 година, потоа на бронза од ЕП до 21 година во 2018 година, како и на сребро од Медитеранските игри пред две години.
Квалификацискиот турнир за ЛОИ, кој требаше да се одржи во Милано, во април, како и сениорското ЕП, се одложени. Отпаднаа и четирите силни Г1-турнири каде што Георгиевски требаше да ja „точи“ формата.

– Чекаме датум и место каде ќе биде одржан турнирот за пласман на ЛОИ и ЕП, па потоа да го подготвиме планот за успешен настап. На квалификацискиот турнир олимписка норма ќе обезбедат финалистите, а другите ќе се пласираат според бодовите на олимписката ранг-листа. Мојот олимписки сон допрва почнува. Млад спортист сум, кој за брзо време се втурна во врвот на таеквондото. Сметам дека ќе освојам олимписка норма за Токио, а таму, секако, ќе одам и на медал. Не постои борец во овој олимписки спорт кого не можам да го победам. Тоа го докажав во претходните две години, кога на татамите победував европски, светски и олимписки прваци. Моја цел е секогаш врвот – вели Георгиевски, кој е и стипендист на Македонскиот олимписки комитет.

[email protected]