Фото: Емил Јовановиќ

Најважните работи за да се биде успешен во шахот се силната работна етика, способноста да учите од вашите грешки и големиот апетит за развој и за подобрување на вашите вештини. Можете да научите нешто од секој шахист. Ако треба да изберам еден, тоа би бил Ласкер, вториот светски првак, а научив многу за психологијата од проучувањето на неговите мечеви, особено за идејата дека шахот е практична игра и дека треба да се фокусирате не само на играњето на играта туку и на противникот, вели, меѓу другото, Карлсен, во интервју за „Нова Македонија“

ИНТЕРВЈУ СО СВЕТСКИОТ ШАХОВСКИ ПРВАК МАГНУС КАРЛСЕН

Норвешкиот велемајстор (ВМ) Магнус Карлсен (31) е актуелен светски првак во шах и најдобро рангиран шахист во светот со 2.877 поени, а највисокиот го достигна во мај 2014 г. (2.882). На 26 април 2004 г., Карлсен стана ВМ на 13 години и 148 дена. Во ноември 2013 г., Карлсен го совладал бранителот на титулата, Индиецот Вишванатан Ананд, со 6,5-3,5, во меч за светски првак што се одиграл во Ченај (Индија) и со тоа станал 16. светски првак во шах. Следната година ја одбрани титулата против Ананд, а тоа го стори и против Русинот Сергеј Карјакин (2016) и Американецот Фабиано Каруана (2018).

Мојата крајна цел е никогаш да не престанам да учам, никогаш не сакам да ми е здодевно од играта, изјави, меѓу другото, во интервју за „Нова Македонија“, Магнус Карлсен, светскиот шаховски првак, кој говореше и за тоа што е шахот за него, од кого научил најмногу… Карлсен настапи на Европскиот клупски куп (ЕКК) во Струга, за норвешкиот Оферспил, кој по шест кола беше 10-ти со осум бода, а Карлсен од 3 партии освои 2,5 бода.

Фото: Емил Јовановиќ

Што е за вас шахот и како ќе го дефинирате?
– За мене, шахот е спорт што се состои од натпреварување и од надмудрување на противникот. Шахот е повеќе или помалку сѐ за мене и во основа беше мојот живот во последните дваесет години.
Кои се најважните работи за да се биде успешен во шахот?
– Силната работна етика, способноста да учите од вашите грешки и големиот апетит за развој и за подобрување на вашите вештини.
Кој светски шахист ви остави најголем впечаток со својата игра?
– Според моето мислење, можете да научите нешто од секој шахист. Меѓутоа, ако треба да изберам еден играч, тоа би бил Емануел Ласкер. Тој беше вториот светски шампион и научив многу за психологијата од проучувањето на неговите мечеви, особено за идејата дека шахот е практична игра и дека треба да се фокусирате не само на играњето на играта туку и на противникот.
Која е крајната цел кон која се стремите во шахот?
– Мојата крајна цел е никогаш да не престанам да учам. Никогаш не сакам да ми е здодевно од играта, секогаш наоѓам нови идеи и останувам свеж на таблата.
Што ќе биде одлучувачко во натпреварот за светската титула против Јан Непомнијачи?
– Искористување на секоја шанса што ќе ја добијам, затоа што не предвидувам дека ќе добијам многу можности. Очигледно тоа ќе биде многу тесен натпревар, но се надевам дека ќе бидам во добра форма за да ја осигурам победата.
Првпат сте во Македонија. Како се чувствувате во Струга и дали повторно ќе дојдете и ќе играте во Македонија?
– Досега сѐ беше за пример, времето е навистина прекрасно, Охридско Езеро е неверојатно, за жал, немав доволно време целосно да ја истражам Струга, но би сакал да се вратам во иднина за друг турнир.


Две работи за поголема популаризација на шахот во светот

Што треба да се стори за поголема популаризација на шахот во светот?
– Две работи – ширење на играта низ целиот свет, да се направи подостапна, за секој да игра. Но, исто така, за да се направи да биде повеќе спорт за гледачи, шахот треба да биде забавен, така што луѓето не само што ќе уживаат играјќи туку и следејќи ги натпреварите.

[email protected]