Ново име, двојно помалку делегати во Собранието и промени во статутот е епилогот од долгоочекуваното годишно собрание на Македонскиот олимписки комитет (МОК), кое траеше многу кратко и мина во мирна атмосфера, иако имаше некои најави дека ќе биде доста „бурно“.

– Постигнат е компромис – рече во краткото излагање Примислав Димовски, првиот човек на Боксерската федерација на Македонија (БФМ) и првиот потпретседател на Олимпискиот комитет на Северна Македонија (ОКСМ), како што ќе гласи новото име. А компромисот се состоеше во прифаќањето на едно од барањата на иницијативниот одбор за „уредување на односите“ во МОК, во кое се претставниците на националните олимписки федерации за нивна поголема застапеност во собранието и за промени на статутот на ОКСМ. Договорено е собранието, кое досега имаше 128 члена, сега да има 53 члена, меѓу кои 29 ќе бидат претставници од националните олимписки федерации со право на по еден глас, плус 24 што ги предложи ОКСМ. Станува збор за поранешни и сегашни истакнати спортисти и спортски работници.

Новиот управен одбор (УО) ќе има 17 члена, на чело со Васил Тупурковски, како претседател, и со двајца потпретседатели, Примислав Димовски и Перо Антиќ.
Тупурковски во воведното излагање рече дека има(ло) некои нејаснотии и недоследности во статутот и дека тој во еден дел не бил добар. Тој рече дека нужните промени во статутот ќе бидат отстранети во наредниот период, најдоцна до април 2020 година, за кога е најавено ново годишно собрание на ОКСМ.