Игрите треба да се одржат во текот на 2020 година. Ова би можело да се протолкува дека Игрите би можеле да се одложат и да се одржат подоцна во текот на календарската година, изјави јапонската олимписка министерка Хашимото пред јапонскиот парламент, пренесе „Би-би-си“

Јапонската олимписка министерка Сеико Хашимото изјави дека Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио би можеле да се одложат и, наместо летово, да се одржат до крајот на годинава, поради стравувањата од појавата и ширењето на коронавирусот.
– Според договорот со ИОК, Игрите треба да се одржат во текот на 2020 година. Ова би можело да се протолкува дека Игрите би можеле да се одложат и да се одржат подоцна во текот на календарската година – изјави Хашимото пред јапонскиот парламент, пренесе „Би-би-си“.

Според договорот, правото за откажување на Игрите, кои би требало да се одржат од 24 јули до 9 август годинава, го има Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
– Ние правиме сѐ што можеме за да се осигуриме дека подготовките за Игрите се одвиваат според планираното – додаде Хашимото.

Претседателот на ИОК, Томас Бах, рече дека ИОК останува „многу уверен во однос на успехот“ на Игрите во Токио.

– Би сакал да ги охрабрам сите спортисти да продолжат со подготовките со голема самодоверба и со полна пареа. Ќе продолжиме да ги поддржуваме спортистите и нивните национални олимписки комитети со редовни ажурирања на сите потребни информации – додаде Бах.

Голем број врвни спортски настани веќе се откажани или одложени поради појавата на коронавирусот, вклучувајќи ги Светското првенство во атлетика во сала во Нанџинг и Гранпри-трката во Формула 1 во Шангај, на 19 април. Коронавирусот, кој се појави во Кина, се прошири во 70 земји со над 90.000 инфицирани и со над 3.000 починати. Од ИОК наведуваат дека кон средината на февруари е формирана „заедничка работна група“ од ИОК, од организаторот на Игрите, од домаќинот Токио, од Владата на Јапонија и од Светската здравствена организација (СЗО). Од ИК на ИОК истакнуваат дека „ги почитуваат и ги поддржуваат преземените мерки, кои претставуваат важен дел од плановите на Токио за одржување сигурни и безбедни игри“.