Пласман во Првата лига, покрај МШК Центар, обезбедија и клубовите Анпасан и Карпош

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ПОПОЛНУВАЊЕ НА ПРВАТА ЛИГА

бовите Анпасан и Карпош
Младите шахисти на МШК Центар од Скопје го освоија првото место на квалификацискиот турнир (Втора лига) за влез во Првата лига, кој се одржа во Охрид. Емил Ристески (16), актуелен шампион на Македонија во категоријата до 16 години, Андреј Велјаноски (16), вицепрвак во истата категорија, Антон Златков (13), актуелен првак до 12 години, Леонид Петрески (15), актуелен првак до 14 години, Андреи Калин (11), актуелен првак до 10 години, Никола Павковски (13), четврти на ланското првенство до 12 години, предводени од искусниот Сашо Симјановски и капитенот на екипата Ѓорѓи Миновски, го сочинуваат тимот што стигна до победничкиот пехар.
– Не очекувавме прво место, целта ни беше да се пласираме во Првата лига.

Но кога ни се отвори можност дадовме сѐ од себе и со малку спортска среќа успеавме и станавме прваци во Втората лига. Шахистите покажаа истрајност, желба за успех, како и тимска кохезија, што беше од пресудно значење за овој успех – вели капитенот на екипата Миновски, кој победничкиот пехар го прими од членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски.
Настапија вкупно 10 екипи, кои беа поделени во две групи и кои играа секој со секого. Најдобрите две екипи од двете групи одиграа уште две кола со екипите од другата група, по што беа познати екипите што ги освоија првите три места.

Во групата А, прв беше МШК Центар со седум екипни бода, (16 по табли), а втор Стево Патако со пет (14,5). Во групата Б, прв беше Анпасан со осум (18), пред Карпош со шест (16). Во доигрувањето МШК Центар ги победи Карпош (4,5-1,5) и Анпасан (4-2). Карпош е трет, оти имаше 4,5 поени по табли, а Стево Патако четири.
Турнирот беше игран под посебен протокол одобрен од Комисијата за заразни болести, а организацијата помина во најдобар ред, што претставува пример дека и во време на ковид-19 може да се организираат шаховски манифестации. Вчера почнаа и младинските првенства на Македонија во категориите до 10, 12, 14, 16 и до 18 години, кои ќе траат до недела.