Дастин Пурие го шокираше Конор Мекгрегор со нокаут во втората рунда на УФЦ 257, ставајќи брутален крај на враќањете на ирската суперѕвезда во октагонот во Абу Даби.

Во првиот меч по една година, Мекгрегор се надеваше дека со победа ќе стане главен кандидат за УФЦ појасот во лесна категорија во можен римеч со стариот ривал Хабиб Нурмагомедов, но работите не тргнаа како треба, откако Пурие го нокаутира со напад во втората рунда, прво задавајќи му силен удар со левицата, пред да го заврши дуелот со бараж удари.

Ова беше вистинска одмазда за Пурие, по поразот во првиот меч во првата рунда во 2014 година. Во првата рунда, двајцата борци беа многу внимателни и ја држеа дистанцата. Пурие обезбеди брзо соборување, но Мекгрегор се врати бргу на нозе. Ирецот на отворено покажа дека е одличен боксер, погодувајќи го противникот со неколку чисти удари, но во втората рунда, балансот на силите беше поинаков, пред бруталниот крај на мечот.

Поразот дефинитивно значи дека Мекгрегор може да се прости со потенцијалниот римеч со Хабиб, кој изјавуваше дека е потребно нешто спектакуларно за да се врати во УФЦ. Од друга страна, Пурие сега е кандидат за појасот кој уште е кај Хабиб, и следен противник може да му е Мајкл Чендлер, кој имаше спектакуларен нокаут над Ден Хукер во првата рунда во саботата навечер.