Фото: Емил Јовановиќ / Медни Всадник

Македонскиот машки првак Алкалоид го освои осмото место

ШАХ – ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ КУП

Руската екипа Медни Всадник по вторпат во машка и руската екипа Јужен Урал првпат во женска конкуренција се нови шаховски прваци на Европа, по седумте кола на 36. Европски клупски куп (ЕКК) за мажи и 25. ЕКК за жени, во Струга. Медни Всадник (Петер Свидлер, Андреј Есипенко, Владимир Федосеев, Кирил Алексенко, Максим Матлаков, Павел Понкратов, Константин Сакаев и Алексеј Гоганов), кој беше рангиран втор пред почетокот на ЕКК, освои 13 бода (29,5 поени по табли). Второто место му припадна на чешки Нови Бор (рангиран трет), со 12 бода (27,5), а третото место го освои азербејџански Вугар Гашимов (рангиран 9-ти), со 11 бода (28,5). Македонскиот првак Алкалоид, кој беше прворангиран, е осми, со девет бода (29,5). Од преостанатите македонски екипи, Прилеп е 14-ти, со осум бода (19,5), Гамбит Асеко СЕЕ е 23-ти, со шест (19,5), а Гостивар е на 32-то место, со четири бода (14,5), во конкуренција на 38 европски екипи.
Во женска конкуренција, Јужен Урал (Динара Садуакасова, Валентина Гунина, Олга Баделка, Александра Малшевскаја и Елизавета Соложенкина) оствари максимални седум победи, односно 14 екипни бода (22 по табли). Втор е Монте Карло, со 11 бода (19), а трет украински ГРЕКО, со 10 бода (18). Од македонските екипи, петта е Куманово, со четири бода (7,5), седма е Алкалоид, со три бода, а осма е МШК Центар, со два бода (10 по табли).
На ЕКК во Струга играше и светскиот првак Магнус Карлсен, кој настапи за норвешкиот клуб Оферспил, кој го освои 13-то место со осум поени, а Карлсен одигра три партии и освои 2,5 поени. На врачувањето на пехарите и на медалите во двете конкуренции присуствуваа и претседателите на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Аркадиј Дворкович, односно на Европската шаховска унија (ЕКУ), Зураб Азмајпарашвили.
Најтрофеен клуб кај мажите е Босна, со четири титули, а кај жените Монте Карло, со седум трофеи.

Јужен Урал

ПРЕТХОДНИ 10 ПРВАЦИ, МАЖИ

2010 г. Економист (Русија)
2011 г. Санкт Петербург (Русија)
2012 г. СОКАР (Азербејџан)
2013 г. Нови Бор (Чешка)
2014 г. СОКАР (Азербејџан)
2015 г. Сиберија (Русија)
2016 г. Алкалоид (Македонија)
2017 г. Глобус (Русија)
2018 г. Медни Всаник (Русија)
2019 г. Обиетиво (Италија)
2020 г. Не се одигра
2021 г. Медни Всадник (Русија)

ПРЕТХОДНИ 10 ПРВАЦИ, ЖЕНИ
2010 г. Монте Карло
2011 г. АВЦ (Русија)
2012 г. Монте Карло
2013 г. Монте Карло
2014 г. Нона (Грузија)
2015 г. Нона (Грузија)
2016 г. Монте Карло
2017 г. Нона (Грузија)
2018 г. Монте Карло
2019 г. Нона (Грузија)
2020 г. Не се одигра
2021 г. Јужен Урал (Русија)