Во семејството Недеви, благодарение на таткото Венцислав, каратето стана спорт што е дел и од нивниот живот. Дејан Недев, брат му Аљоша и сестрата-близначка Јадранка освоија голем број медали на најголемите светски приредби. Фантастичен биланс на Дејан – седум европски и две светски титули

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (172) / ДЕЈАН НЕДЕВ (1)

Ако се бара спортско семејство, не само кај нас туку и пошироко на европските, па дури и на светските простори, не знам дали некое може по бројот на успесите и достигнувањата да му парира на семејството Недеви. Благодарение на „главата“ на семејството Венцислав, кој беше еден од првите каратисти и ученик на основоположниците на каратето во нашата држава, Атанас Кајчевски и Сејдо Теофиловски, овој спорт им влезе во крвта на ќерката Јадранка и двата сина Аљоша и Дејан.
Сите тие од мали нозе беа во салата и низ секојдневните тренинзи сѐ повеќе навлегуваа во тајните на оваа далекоисточна вештина, која сѐ повеќе ги освојуваше младите во светот. Во оваа сторија ќе се запознаеме со кариерата на Дејан, кој во традиционалното карате е присутен повеќе од 30 години. Колку овој спорт му беше значаен зборува и фактот што тој целосно се посвети на него, сѐ повеќе ги откриваше неговите тајни и пред две години (2018) докторира на Универзитетот во Софија.

Таму го одушеви целокупниот аудиториум, кој и пред тоа беше запознаен со семејството Недеви, зашто пред него со теми врзани за каратето докторираа Венцислав и Аљоша. Затоа, покрај медалите и трофеите, Недеви ги красат и трите докторски титули.
– Не можеше да биде поинаку, освен од мали нозе, некаде на 4-5 години, да се најдам во салата на карате-клубот Работнички, во кој тренер и натпреварувач беше мојот татко. Се сеќавам на почетоците и на долниот дел од зградата лоцирана до поранешната леарница на „Македонски железници“, спроти тогашната фабрика „Треска“. Салата беше некако темна, а паркетот некаде потскокнуваше под нозете додека ги изведувавме вежбите, немавме ни доволно татами. Но љубовта кон овој спорт беше голема и не испуштав ниту еден тренинг, иако зимно време беше и многу студено. За разлика од тогаш, сега условите за тренинг се идеални, горната сала, која е реновирана и преуредена, им овозможува извонредни услови на каратистите пријатно да се чувствуваат и без проблеми да ја реализираат тренинг-програмата – ја почнува приказната за себе Дејан.

ПОЧЕТОК СО ПОРАЗИ

Првите настапи на Дејан Недев не беа многу успешни. Тој најчесто беше поразуван, но тоа како да го лутеше и уште повеќе го мотивираше. Многумина мислеа дека не е талентиран, а забораваа дека поразите ги доживуваше од каратисти што беа три-четири години постари од него. А тоа за тие возрасти е голема разлика. Дури по две-три години, откако зајакна, веќе не беше она детенце, кое доживуваше порази. Напротив, сега тој беше оној што ги победуваше и повозрасните, а за оние помалите од него и да не зборуваме.
– Така беше тоа. За сѐ треба време и трпение. Не се разочарав на почетокот (1985 година), зашто знаев оти со работа и настојчивост ќе дојдат и плодните спортски години. Со сестра ми Јадранка, со која сме близнаци, и постариот брат Аљоша толку бевме вљубени во каратето, така што ако нашиот тренер, таткото Венцислав, речеше дека ќе имаме два, па некогаш и три тренинга, тоа го прифаќавме и не ни беше тешко. Нормално, паралелно со спортските активности одевме редовно на училиште и не испуштавме ниту еден час. Не сакавме поради тренингот да го запоставиме учењето. Само кога бевме на некое патување можеше да се случи да отсуствуваме од часовите, но сето она што ќе го испуштевме во наставата, брзо го дополнувавме – вели Дејан.

ДОАЃААТ ПРВИТЕ РЕЗУЛТАТИ

Напорната работа ги даде и првите резултати. Детето што во почетокот од кариерата доживуваше порази, но од повозрасните ривали, полека но сигурно зачекори на победничката сцена. Тој прво стана државен првак за помлади, потоа за постари пионери, за потоа да се пробие меѓу најдобрите и во конкуренција на кадети.
– Патот пред мене беше отворен, сето она што го постигнував беше охрабрувачко и веќе никој не можеше да ме запре. Знаев дека ќе дојде денот кога ќе можам да се пофалам и со некој меѓународен резултат – вели тој.
И навистина беше така. Гледајќи дека Дејан и сите оние околу него брзо напредуваат и го креваат квалитетот, спортските работници, пред сите неговиот татко Венцо, конкурираа Скопје да биде домаќин на кадетското Европско првенство во 1995 година. Веднаш да кажеме, не погрешија. Тој шампионат беше пресврт во кариерата на неколку наши талентирани момчиња во традиционалното карате.
– Јас во дисциплината фукуго ја освоив шампионската титула. На среќата и на радоста им немаше крај. Многу бев мотивиран, особено и од фактот што меѓу гледачите во „Универзалната сала“, каде што се одржа шампионатот, беше и мојата девојка.

Морав да се покажам, дадов сѐ од себе и стигнав до златниот медал. Финалето беше многу жестоко. Противник ми беше Италијанецот Микеле Комочи, кој не само што беше физички посилен од мене туку беше за една, можеби и две години постар. Но со неколку брзи удари освоив поени што го изненадија ривалот, кој на крајот спортски ми ја честита победата – се сеќава на тие прекрасни мигови Дејан.
Овој успех на Недев предизвика бура од одушевување во „Универзална“, успехот беше поздравен со овации. Честитки стигнуваа од сите страни. Дејан беше задоволен, зашто она што го постави како цел пред себе, го оствари. Да се биде европски првак за кадети со 15 години, тоа беше голема работа и уште поголем мотив да чекори понатаму по татамите.
Потоа, во кадетска и во младинска конкуренција се редеа и други успеси, па, така, додека беше во тие возрасни категории, дури седум пати стана европски првак, трипати за кадети и четири пати за младинци.

НАЈМЛАД МЕЃУ СЕНИОРИТЕ ВО ТОРИНО

Интересно е да се каже дека две години пред успехот во Скопје, иако имаше само 13 години, Дејан Недев настапи во кати на Европското сениорско првенство во Торино. Иако млад, сепак, ова не е опасна дисциплина, во која би можел да се изложи на удари. Катите се демонстрација на техника и прецизност во изведбата, директен контакт со противник нема, па можеби и поради тоа неговиот татко, кој постојано се консултираше со браќата Јорга, кои се поим во светското карате, реши да му даде шанса да настапи на сениорско првенство и да биде најмлад учесник. Инаку, на овој шампионат кумите-тимот на Македонија, во состав Ивановски, Ивчев, Стојковски и Видевски, постигна голем успех со освојувањето на бронзениот медал.
– Во меѓувреме, пред и по ЕП за кадети во Скопје, имав многу меѓународни настапи. Сето тоа беше големо искуство за мене. Затоа, воопшто не се уплашив кога во 1998 година, кога веќе имав 18 години, ми беше дадена шанса да настапам на СП за сениори во Варшава. Имав мала трема пред почетокот, што е нормално, но кога почнаа борбите, таа трема како да исчезна и бев максимално концентриран на она што ме очекува. Стартот беше успешен, така што на крајот стигнав и до завршницата, во која во дисциплината фукуго се пласирав на третото место и го освоив бронзениот медал. Тогаш веќе почувствував дека сум во светската елита.

Немаше враќање назад, погледите ми беа свртени кон иднината и почнав да мечтаам за уште поголеми резултати и евентуално искачување на највисокото место на победничкиот пиедестал на некое сениорско европско или светско првенство – продолжи Дејан.
Тој имаше и одлични партнери, што, исто така, беше значајно за постигнување врвни резултати. Покрај Аљоша, тука беше и Андреевски, па оваа тројка беше успешна и во екипните настапи.
– Одлично ги владеевме сите техники, почнувајќи од кати, борба, фукуго и ембу, па така екипно како репрезентација го освоивме сребрениот медал, што беше изненадување за сите, особено за претставниците на карате-велесилите. Во следните години кон нас се гледаше како кон сериозни партнери, кои во секој момент се подготвени да приредат изненадување – вели тој.
За натамошниот тек на кариерата на Дејан Недев ќе читате идната недела, кога ќе видиме како стигна до триумфите на европските и на светските првенства во сениорска конкуренција.


ДЕЈАН НЕДЕВ

Роден во1980 година во Скопје
Кариера: КК Работнички и репрезентација на Македонија
Успеси: седум титули европски првак во кадетска и во младинска конкуренција, исто толку победи на европските сениорски првенства, потоа два триумфа на СП, пет втори и три трети места
Функции: генерален секретар на ЕТКФ (Европска федерација за традиционално карате), член на бордот на Светската федерација за традиционално карате