Ќе дадам сѐ од себе да им докажам на луѓето што веруваа во мене дека заслужувам да ја носам униформата на Ферари. Едвај чекам да почнам да се подготвувам за првата натпреварувачка сезона, вели Вег

ФОРМУЛА 1

Холанѓанката Маја Вег (16) ќе стане првата жена возач што ќе се приклучи на академијата на Ферари. За тоа место се избори откако победи во програмата наречена „Девојки на патеката – ѕвезди во подем“, која ја организираа Ферари и Меѓународната автомобилска федерација (ФИА). Таа е родена во Шпанија, од мајка Белгијка и татко Холанѓанец и со својот натпреварувачки карактер остави голем впечаток во базата на Ферари во Маранело.
– Ова е клучен момент во историјата на Ферари и неговата академија. Маја во текот на годинава ќе напредува со нас и ќе биде дел од шампионатот на Формула 4, што претставува категорија што е прв чекор кон Формула 1 – изјави шефот на тимот Матија Биното.
Вег очекувано беше многу возбудена по овој нејзин избор и по победата во конкуренција на 17-годишната Доријан Пин, 14-годишната Антонела Басани и 15-годишната Џулија Ајуб.

– Никогаш нема да го заборавам овој ден. Пресреќна сум што станав прв женски возач во академијата на Ферари, со што го исполнив својот сон да бидам натпреварувачка на трки. Ќе дадам сѐ од себе да им докажам на луѓето што веруваа во мене дека заслужувам да ја носам униформата на академијата на Ферари. Едвај чекам да дојдам во Маринело и да почнам да се подготвувам за првата натпреварувачка сезона – Изјави Вег.
Само две жени, Марија Тереза де Филипис во 1958 година и Лела Ломбарди во 1975 година, се натпреварувале на гранпри-трките во Формула 1 и само шест учествувале на тркачки викенди.
– Ова е важен момент во кариерата на Маја Вег и им упатувам најтопли честитки на сите возачки што стигнаа до овој конечен избор. Оваа програма на ФИА е клучна во нашата заложба за поддршка на родовата разновидност во нашиот спорт – рече претседателот на ФИА, Жан Тод.
Последен голем производ од оваа академија е сегашниот возач Шарл Леклерк, но не и единствен. Од возачите што учествуваа во сезоната 2021 се уште и Серхио Перез од Ред Бул, Ленс Строл од Астон Мартин, Антонио Џовинаци од Алфа Ромео, но и новакот Мик Шумахер, синот на седумкратниот светски првак Михаел Шумахер.