До 10 мај има повеќе од два месеца, многу работи веројатно ќе се сменат, се надевам на подобро. Како и да е, ние сме во постојана комуникација со надлежните, следиме сѐ што се случува и ќе реагираме како што ќе наложуваат околностите, вели директорот на Скопскиот маратон Кире Синадиновски

Подготовките за традиционалниот 16-ти Скопски маратон, закажан за 10 мај, се одвиваат според планираното. Засега нема никакви индиции за негово откажување или одложување поради појавата и ширењето на коронавирусот што услови да се одложат неколку големи маратони низ Европа.

– Подготовките за маратонот се одвиваат непречено, од ден на ден расте бројот на пријавени, досега ги има околу 4.000 и очекувам да биде надмината ланската бројка од 12.500 учесници. Состојбата со коронавирусот не е во наш домен и засега не влијае врз нас. Сега се во сила препораките на Владата до 13 март да нема поголеми јавни собири, но со оглед на фактот дека до 10 мај има повеќе од два месеца, многу работи веројатно ќе се сменат, се надевам на подобро. Како и да е, ние сме во постојана комуникација со надлежните, следиме сѐ што се случува и ќе реагираме како што ќе наложуваат околностите – вели директорот на Скопскиот маратон Кире Синадиновски.
Во меѓувреме, беа откажани или одложени два големи маратона, во Рим, на 29 март, и во Париз, кој нема да се трча за 5 април, и е презакажан за 18 октомври.

– За да го избегнеме доцното откажување на штета на учесниците, во договор со канцеларијата на градоначалникот на Париз, решивме да го одложиме маратонот за наесен – се вели во изјавата на спортската организација „Амори“ (АСО), која е организатор и на велосипедската трка Тур де Франс.

Во Франција има регистрирано 423 случаи на заразени од коронавирусот и седум смртни случаи, што ја прави втората најпогодена европска земја, по Италија. Овој потег доаѓа откако минатиот викенд на еден ден пред трката беше откажан полумаратонот во Париз и беше презакажан за 6 септември. На маратонот во Париз требаше на настапат околу 65.000 тркачи од 150 земји од светот. Во Токио минатата недела, по празните улици, трчаа само елитни маратонци. Организаторите на лондонскиот маратон, кој е закажан за 26 април, велат дека ја „следат ситуацијата“ и оти ги почитуваат советите од Владата и од Светската здравствена организација (СЗО).

– Од Владата велат дека сите поголеми настани и натпреварувања треба да продолжат. Ние тесно соработуваме со Одделот за дигитални настани, култура, медиуми и спорт на Велика Британија (ДКМС) и со други организатори на поголеми настани за да се координираме и да се договориме како ќе настапиме пред јавноста – велат организаторите на маратонот.

Засега нема навестувања за одложување на познатите маратони во Ротердам (5 април) и во Бостон (20 април). И од нивните интернет-страници стигнуваат најави дека „внимателно се следи ситуацијата“ со ширењето на коронавирусот и оти „соодветно ќе се реагира“.