Светската шаховска федерација (ФИДЕ) треба да добие нов претседател на 3 октомври, на гласањето за време на Шаховската олимпијада во Батуми, Грузија

Англискиот велемајстор (ВМ) и поранешен кандидат за титулата светски првак, Најџел Шорт (52), неодамна најави дека ќе се кандидира за претседател на Светската шаховска федерација (ФИДЕ). По четири месеци Шорт, кој е моментно најстариот шахист во првите 100 на светската рејтинг-листа, ќе настојува да застане на чело на ФИДЕ, каде што досега беше Русинот Кирсан Иљумжинов, кој на таа функција е 23 години, од 1995 година.
Втор кандидат е Гркот Георгиос Макропулос (65), кој е актуелен потпретседател на ФИДЕ и управува со канцеларијата на ФИДЕ со седиште во Атина. Ако Макропулос победи на изборите, тогаш негов заменик се очекува да биде англискиот интернационален мајстор (ИМ) Малком Пејн, кој сега ја врши функцијата директор на Англиската шаховска федерација.
И засега трет кандидат е Русинот Аркадиј Дворкович (46), кој Руската шаховска федерација го предложи на местото на Иљумжинов (иако во прв момент Иљумжинов беше предложениот кандидат). Дворкович во државната служба на Русија е од 2000 година. Во шахот, Дворкович е подолго отколку во бирократијата. Тој е солиден шахист, има позитивна репутација во шаховскиот свет, наведуваат руски медиуми.
Веројатно главната причина што Иљумжинов се откажал од кандидатурата е што тој моментно е под санкции од страна на Министерството за финансии на САД, со што била блокирана и банкарската сметка на ФИДЕ на крајот од минатиот месец. Иљумжинов победи на сите избори откако беше избран, вклучувајќи ги и оние во 2010 и во 2014 година, кога тој за ривали на претседателското место ги имаше поранешните светски шаховски прваци Анатолиј Карпов и Гари Каспаров.
Кандидатите за претседатели на ФИДЕ и нивните тимови, мораат официјално да бидат објавени најдоцна до 1 јули, а гласањето на делегатите од 185 земји-членки на ФИДЕ ќе се одржи на 3 октомври годинава за време на Шаховската олимпијада (ШО), која ќе се одржи во Батуми, Грузија.