И во овие тешки и неизвесни времиња не спласнува оптимизмот кај спортистите, спортските работници, тренери, исто како и кога се на жешкиот терен, гледаат победнички, веруваат во конечниот триумф. Тие се придржуваат кон постојните препораки и мерки, но и советуваат дека само обединети и со дисциплинирани постапки брзо ќе го надминеме проблемот со коронавирусот

Ширењето на коронавирусот во светот и во Македонија не го одмина ниту спортот, речиси сите натпреварувања се прекинати или одложени, но и во овие тешки и неизвесни времиња не спласнува оптимизмот кај македонските спортисти, спортски работници, тренери. Тие се оптимисти исто како и кога се на жешкиот терен, гледаат победнички, веруваат во своите способности и во конечниот триумф. Тие се придржуваат кон постојните препораки и мерки, но и советуваат дека само обединети и со дисциплинирани постапки брзо ќе го надминеме и овој проблем.
– Мерките што ги донесе Владата се на место и целосно се придржувам кон нив. Надвор сум само кога е навистина неопходно. Спортот, очигледно, во светот и кај нас, сега е во втор план. На сите треба да ни биде јасно дека здравјето на луѓето мора да биде во преден план. Оптимист сум и верувам дека успешно ќе го надминеме постојниот проблем со коронавирусот – вели тренерот на кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов.
Ракометарите на Металург минатата недела го одржаа последниот тренинг.
– Состојбата со коронавирусот нѐ затекна во моменти кога со нетрпение го очекувавме плејофот во домашното првенство. Ракометарите сега тренираат според индивидуални програми, дома, следејќи ги препораките на Владата и на Министерството за здравство. Состојбата е крајно сериозна и така треба да ја сфатиме. Седете дома и следете ги препораките, за да можеме потоа сите заедно да уживаме во спортските натпревари што, секако, ќе дојдат – порача претседателката на Металург, Зорица Блажевска.

Никола Ѓоргиев, капитен на македонската одбојкарска репрезентација, по предвреме завршеното првенство во Германија, веќе е во Македонија.
– Еве, четврти ден како се вратив од Германија, дома сум во Струмица, во самоизолација, ги следам препораките. Засега сѐ е во ред, не ми е здодевно, правам многу работи за кои едноставно сум немал доволно време досега. Мислам дека сѐ ќе биде во ред, ќе се издржи и ова. Најбитно е здравјето, треба да се чуваме и да се придржуваме до советите на стручните лица – вели Ѓоргиев.
За тренерот на ракометарите на Металург, Зоран Кастратовиќ, сега е најважно да се биде одговорен.
– Почитувајте ги препораките на надлежните и поминете корисно време со своите најблиски. Сѐ што еднаш ќе почне има свој крај. Да бидеме одговорни и да се надеваме дека за брзо ќе се стави под контрола ширењето на коронавирусот – порача Кастратовиќ.
Здравко Дејановиќ, планинар, алпинист, хималаист, човекот што пред 10 години се искачи на Монт Еверест (8.848 м), во 2014-та на К2 (8.614 м) и во 2015-та на Анапурна (8.091 м).

– Непријатна ситуација во секој поглед. Следам што се случува, но не ме погодува многу, бидејќи и не се движам на критични места каде што има поголема концентрација на луѓе. Треба да се прифати ситуацијата, да се слушаат препораките на стручните служби. Мораме да бидеме внимателни, да се чуваме себеси, со тоа и другите околу нас – вели Дејановиќ.
И Каратистите на Металург внимателно ја следат ситуацијата.
– Сите мораме да бидеме мошне внимателни и да се придржуваме кон мерките за заштита, но треба да дејствуваме смирено и дисциплинирано и верувам дека постојниот проблем ќе биде надминат – вели тренерот Мирче Јанушевски.
Ѓоко Динески, селектор на македонската нордиска и биатлон-репрезентација, пред неколку дена се врати од Австрија.

– Пред неколку дена се вративме од натпреварите во Австрија, сега сите сме дома, во т.н. самоизолација, без симптоми на коронавирусот. Здравјето е најбитно за сите, сега ќе имаме помалку активности, но се надевам брзо ќе помине и ќе можеме да им се вратиме на секојдневните работи. Треба сите да бидеме трпеливи, внимателни, да се чуваме и сѐ ќе биде во ред – вели Динески.
Боксерската федерација на Македонија (БФМ) е во исчекување на враќањето на двајцата боксери, кои настапија во квалификациите за ЛОИ.
– Кон постојните мерки БФМ се придржуваше и пред тие да стапат во сила, а во клубовите веќе е извршена дезинфекција на просториите. Моментално работиме да ги вратиме нашите боксери Јасин Љама и Гоце Јанески, кои се во Лондон, каде што беа на квалификацискиот турнир за ЛОИ, кој организаторот го прекина по 2-то коло поради актуелната ситуација. Сметам дека тој турнир не требаше воопшто и да се одржи, бидејќи непотребно се потрошија и пари и време. Но сега е важно да се придржуваме кон мерките и успешно да го надминеме проблемот – вели претседателот на БФМ, Примислав Димовски.