Кошаркарите Перо Антиќ и Едина Муса, ракометарите Дејан Манасков, Филип Миркуловски и Филип Кузмановски, рели-возачот Игор Стефановски-Иџе и каратистите Дејан Недев и Аљоша Недев се вклучија во проектот „Шампионите за вас“, кој има за цел да ја подобри иднината на децата што се во социјален ризик.

Македонските спортисти донираа дел од своите лични предмети, дресови носени на европските првенства, златни медали и друго, кои ќе бидат дел од онлајн-аукција.

– Преку спортот и благодарение на овие легенди што се дел од настанот, децата во социјален ризик од Македонија ќе можат да спортуваат и да стануваат дел од клубови за спорт што ќе ги учат на тоа како преку дисциплина, тимска игра, самомотивација и поставување сопствени цели може да постигнеш сѐ што сакаш во животот. Оваа патека, по која тие веќе тргнаа, ќе им покаже како и тие да станат шампиони и баш поради тоа нам ни е повеќе од драго што спортските ѕвезди го прават ова за иднината на нашето општество, децата и најмалите – изјави Кристина Арнаудова, претседателка на проектот „Среќа и здраво шампиони“, кој трае веќе неколку месеци, а ќе заврши со делење на опремата на крајот на август, пред почетокот на учебната година.

За време на акцијата „Шампионите за вас“ сите што дојдоа и донираа најмалку по 100 денари добија купон со кој присуствуваа на настанот и се дружеа со спортските ѕвезди, кои наедно потпишуваа и топки, чија продажба дополнително влезе во донаторската каса.