Шахистите го освоија 35-то место од 39 селекции, а шахистките 30-то од 31 репрезентација

ШАХ – ЗАВРШИ ЕВРОПСКОТО ЕКИПНО ПРВЕНСТВО

Машката репрезентација на Македонија го освои 35-то место на 23. Европско екипно првенство (ЕП) во Терме Чатеж (Словенија), што е за две места послабо од почетното рангирање меѓу 39 селекции, со шест бода (15 поени по табли), односно една победа, три ремија, четири порази (едно коло беа слободни н.з.). Македонските шахистки, пак, (рангирани на 31-то место) завршија на 30-то, едно место подобро од стартниот рејтинг, со пет бода (12,5 поени по табли) или две победи и шест порази (едно коло беа слободни).
– Сигурно дека очекував повеќе. Кај жените најдобар настап имаше Стојковска со најдобар перформанс на првата табла, како и Манова, која одигра одлично на четвртата табла. Од другите очекував повеќе. Кај мажите најдобро одигра Ристески, но според ривалите добро се држеа и Николовски и Панчевски. Од Лазов и Михов очекував повеќе. Ова само докажува дека вакви силни ЕП задолжително треба да бидат проследени со подготовки и со секунданти, што овој пат изостанаа. Речиси сите влегуваа во цајтнот, што ни е најболната точка. А тоа покажува, пак, дека имаме теоретски слабо подготвени играчи – ни изјави селекторот на двете македонски селекции, ВМ Трајко Недев.
Поединечно најмногу поени кај шахистите освоија ИМ Никола Николовски 3,5/8 и ФМ Емил Ристески 3,5/6, а кај шахистките Ивана Манова, четири од осум партии.
– Европските првенства се меѓу најсилните во светот. Оствариме две победи, против Норвешка и Словенија (2), кои беа значително посилни од нас. Индивидуално, задоволна сум од партиите и резултатот, иако сметам дека можев и повеќе, но заморот си го направи своето – вели Манова.
Нов европски првак кај мажите е Украина со 14 бода (21,5 по табли), пред Франција со ист резултат, 14 бода (21,5), но послаб дополнителен критериум, додека трета е Полска со 13 бода (22,5). Досегашниот првак Русија е шеста со 12 бода (20,5). Кај жените, пак, Русија ја одбрани титулата со 18 бода (29 по табли), втора е Грузија со 15 (22,5), а трет е Азербејџан со 12 (22).