Македонските репрезентативци го слават успехот

Македонија првпат избори пласман на Европското првенство (ЕП) во одбојка, откако ја совлада Унгарија со 3-0 (25-21, 25-20, 25-21) во сетови, во решавачкиот квалификациски дуел одигран вечерва во Скопје.

Македонските одбојкари стигнаа до ЕП како една од петте второпласирани селекции со најдобар резултат во квалификациите, по заземањето на второто место во групата Ф, зад Украина, со учинок од три победи и исто толку порази.

На финалниот турнир на ЕП 2019 првпат ќе настапат 24 репрезентации (досега играа по 16).

Континенталниот шампионат ќе се одржи 12 до 19 септември, во четири земји и во девет града – во Франција (Монпелје, Нант и Париз), Холандија (Амстердам, Ротердам и Апелдорн), Белгија (Брисел и Антверпен) и во Словенија (Љубљана).

На завршниот турнир на ЕП репрезентациите ќе бидат поделени во четири групи со по шест тима, по што пласман во следната нокаут-фаза ќе обезбедат првите четири селекции од четирите групи.

Ждрепката за составот на групите е закажана за 16 јануари во Брисел.