Македонските репрезентативци во кајак-спуст на дива вода, Љубомир Спасиќ, Александар Златаров и Енис Небиовски минатиот викенд настапија на натпреварот од второто коло во рамките на Европскиот куп (ЕК) во спуст во Осилница, Словенија.

На првиот натпревар во класично возење, на 5 км, Спасиќ беше 15-ти, а веднаш зад него беа Златаров, на 16-то и Небиовски на 17-то место. Во спринтот, на делницата од 500 метри, најуспешен во македонскиот состав беше Златаров, на 13-та позиција, Небиовски беше 15-ти, а Спасиќ 16-ти.

На натпреварите во Словенија учествуваа над 30 кајакари од седум земји. Моментално во ЕК од македонските кајакари најдобропласиран е Златаров, на третото место, а Спасиќ и Небиовски се на четвртото, односно на петтото место во конкуренција на 110
кајакари. Во водство е Словенецот Нејц Жнидарчич.

Следните натпревари во рамките на ЕП би требало да се одржат во Бања Лука, БиХ и на Треска, кај Скопје. Л.Д.