Фото: Македонска Еспорт Федерација

Македонската репрезентација го освои турнирот во „Кантер страјк“ во рамки на Европскиот куп на нациите, совладувајќи ја Романија во финалето. Победничката селекција ја сочинуваат Јане  Апостолоски („aidKiT“), Даниел Глигоров („dan1“), (Павле Стојановски „stYleEeZ“) и Кристијан Трпкоски („Cryveng“).

Македонските кантерџии го добија првиот сет со резултат од 16-9. Романците дојдоа до водство во вториот сет, но Македонија стигна до пресврт во последните рунди и го доби вториот, решавачки сет со резултат од 16-12. Претходно, Македонија ја победи Хрватска во полуфиналето со 2-1 во сетови, а Романија беше подобра од Португалија со 2-0.

За прв пат во историјата на Македонската е-спорт федерација и македонската ЦС:ГО сцена, освојуваме прво место на меѓународен настан. Желба за победа, мотивација, тимска игра и фокус на македонската кантер репрезентација се резултат за ова одлично одиграно Европско првенство! Би сакале да им честитаме на нашите момци за успехот и да им посакаме повеќе среќа на претстојното Светско првенство каде што се надеваме дека ќе нѐ израдуваат повторно – се наведува во објавата на Македонската е-спорт федерација на Фејсбук.