Онлајн натпреварувањето почнува денеска со мечевите во т.н. Основна дивизија. Вкупно има пет дивизии, Македонија е во втората, чии дуели се од 12 до 16 август и од каде што најдобрите 15 ќе се пласираат во т.н. Врвна дивизија, во трка за титулата

Првата шаховска олимпијада што ќе се игра преку интернет, почнува денеска со мечевите во т.н. Основна дивизија, објави Светската шаховска федерација (ФИДЕ). До понеделник вкупно 30 репрезентации поделени во три групи ќе играат за 12 места што носат пласман во Дивизијата 4. Македонија е сместена во Дивизијата 2 и нејзините мечеви на програмата се од 12 до 16 август. Најдобрите 15 од таа дивизија ќе играат со уште 25 други селекции во т.н. Врвна дивизија, во трка за титулата.
Вкупно 163 репрезентации ќе настапат на ова натпреварување. Редовната Шаховска олимпијада е одложена за в година поради пандемијата на коронавирусот. Онлајн олимпијадата треба да се игра до 30 август годинава, а ќе се играат партии со брзо темпо (15 минути плус пет секунди по секој потег). Секоја репрезентација се состои од шест натпреварувачи во мешан состав (по три машки и женски) и најмногу шест резерви и капитен, со тоа што по еден шахист и шахистка мора да бидат родени во 2000 година или помлади.

Според системот на натпревари од Дивизијата 4 најдобрите 15 ќе се пласираат во повисок ранг, каде што ќе играат вкупно 50 селекции (од 5 до 9 август). Од Дивизијата 3 првите 15 ќе се пласираат во Дивизијата 2 каде што, исто така, ќе настапат вкупно 50 селекции (дуелите се од 12 до 16 август). Од таа дивизија, каде што е и Македонија, првопласираните 15 ќе се најдат во т.н. Врвна дивизија, во која ќе има вкупно 40 репрезентации (мечеви од 19 до 23 август). По ова следува плејоф, со финале на 30 август.

Во дивизијата каде што е Македонија се и селекции од соседството, како Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Србија, Словенија, Романија, Турција, Грција, а можни противници се и Аргентина, Англија, Германија, Унгарија, Италија, Норвешка, Шпанија итн.
Во Врвната дивизија водечки според просечниот рејтинг се репрезентациите на Русија (2.599), Кина (2.595), САД (2.535), Ерменија (2.453), Украина (2.441), Азербејџан (2.434), Индија (2.419), Германија (2.419), Куба (2.413), Полска (2.401) итн.