Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија ја доби организицијата на една од групите на Европското првенство во одбојка во 2023 година, што значи дека македонските одбојкари третпат по ред ќе учествуваат на континенталните самити.

Добрата вест за одлуката на ЦЕВ да ја прифати апликацијата на ОФМ, на премиерот Зоран Заев, на директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски, како и на челниците на македонската одбојка, претседателот Петар Јовановски, потпретседателот Стојан Иванов и генералниот секретар Зоран Карановиќ, лично им ја соопшти првиот човек на Европската одбојкарска конфедерација Александар Боричиќ.

На денешниот состанок во Владата, премиерот Заев даде целосна поддршка за организација на еврошампионат, по што Административниот борд на ЦЕВ треба само формално да ја потврди одлуката.

– Сега кога Владата ја поддржува организацијата на големите европски настани според највисоки стандарди, а тоа се однесува на Европската сребрена лига 2021, на Европското првенство за одбојкарки до 19 години во 2022, како и на една група од сениорското машко Европско првенство во 2023, можам да кажам дека Одбојкарската федерација на Северна Македонија им се доближи на најдобрите организатори на големите одбојкарски настани во Европа – рече Боричиќ.

Добрата вест од ЦЕВ е предвесник на периодот предвиден за одбојкарската репрезентација којашто наскоро ќе ги почне подготовките за настапот во Европската сребрена лига. Првиот турнир од 21 до 23 мај, како и завршниот на 5 и на 6 јуни ќе бидат одржани во салата „Парк“ во Струмица, а тоа ќе биде дополнителна предност во амбициите да се освои златниот медал. Македонските одбојкари потоа ќе тренираат за учеството на Европското првенство во септември, а во меѓувреме ќе ги дознаат противниците во групната фаза и државата каде што ќе настапуваат. Коорганизатори на ЕП 2021 се Полска, Финска, Чешка и Естонија.