На претходното младинско ЕП, одржано годинава во Алборг (Данска), Македонија освои вкупно по две злата и сребра во сите три категории (кадети, јуниори и постари јуниори)

Македонската репрезентација ќе учествува со вкупно 37 каратисти на Европското првенство за кадети, јуниори и за постари јуниори (до 21 година), во февруари 2020 година во Будимпешта (Унгарија). Карате-федерацијата на Македонија (КФМ) го објави целосниот список, на кој 10 се кадети, седум се јуниори, 10 постари јуниори (до 21 год.), сите во борби, потоа 10 во кати, како и екипи во кати во машка и во женска конкуренција.

– Македонија на претходното ЕП, одржано годинава во Алборг (Данска), освои вкупно четири медали. Во нашата конкуренција со злато се закитија постарите јуниори Доан Османи во категоријата до 75 кг и Петар Спасеновски до 84 кг. Ќе бидам задоволен ако се вратиме со 2-3 одличја. Сите репрезентативци имаат одлични перформанси и верувам дека ќе продолжиме со одлични резултати. Задоволен сум од настапот на неодамнешното Државно првенство и плејофот, каде што покажаа завиден победнички дух. Но тоа е само прв чекор и нов предизвик за она што нѐ очекува во 2020 година. Ќе се потрудиме со максимум квалитетни тренинзи и победничка атмосфера, како и секогаш, да не се вратиме без медали – вели селекторот на постарите јуниори, Арлинд Хусеини.

И селекторот на кадетско-јуниорската репрезентација во борби, Александар Кузмановски, верува дека во Будимпешта ќе се освојат одличја. Оптимизмот го темели на двете сребра од Алборг, кои ги освоија кадетот Бојан Костов (до 52 кг) и јуниорот Глигор Петков (над 76 кг).

– Составот на репрезентацијата е млад, но, сепак, многу ветувачки. Одлично минавме на минатото ЕП, на кое освоивме две сребра, а и на следното очекувам најмалку по еден медал во кадетска и во јуниорска конкуренција. Со добри подготовки, голема самодоверба и победнички дух, очекувам на татамите во Будимпешта уште еднаш да покажеме дека македонското надежно карате со крупни чекори граби напред – вели Кузмановски.

Кај каташите, пак, големи шанси за медал има и надежниот Александар Неделковски (КК Металург), кој ќе настапи во јуниорска конкуренција.