Павлов и Арсовски

Сите каратисти се добро подготвени и покрај специфичните услови во кои се наоѓаме, со малку среќа при ждрепката, очекувам неколку одлични пласмани, вели селекторот на македонската сениорска карате-репрезентација, Сашко Арсовски

КАРАТЕ

По едногодишна пауза, од денеска до недела во Истанбул, Турција, ќе се одржи премиерното годинашно издание во квалитетната Карате-премиер лига, во конкуренција на над 600 учесници од 69 држави, односно од околу 280 клуба. Од Македонија на татамите во Истанбул ќе настапат 16 каратисти.
– Сите каратисти се добро подготвени и покрај специфичните услови во кои се наоѓаме поради ковид-19. Со малку среќа при ждрепката, очекувам неколку одлични пласмани – вели селекторот на македонската сениорска карате-репрезентација, Сашко Арсовски.
Репрезентативецот Емил Павлов е најдобропласиран во Премиер-лигата, моментно шести со 1.080 бода, а води Казахстанецот Дархан Асадилов со 2.070 бода. Турнирот од оваа лига, кој требаше да се одржи лани во Рабат, Мароко, а беше одложен за април годинава, Светската карате-федерација (ВКФ), повторно го презакажа од 29 до 31 октомври, а причината е ковид-19. Тој требаше да биде последен од ваков вид на кој ќе се освојуваат бодови за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио ова лето, па сега тие бодови ќе можат да се освојат на турнирот во Лисабон (од 30 април до 2 мај).
Премиер-лигата во Лисабон, ЕП (19-23 мај) и квалификациите за ЛОИ во Париз (11-13 јуни), се настаните каде што ќе можат уште да се освојуваат бодови за ЛОИ во Токио.