Оптимист сум и очекувам да се пласираме меѓу првите 16, а со тоа и да обезбедиме настап на Светското екипно првенство, кое следната година ќе се организира кај нас, во Охрид или во Струга, ни изјави селекторот на репрезентацијата, ВМ Трајко Недев

Македонската шаховска репрезентација (1.871 рејтинг-поени, рангирана на 12-то место пред турнирот), во 6-то коло на 16. Шаховска олимпијада (ШО) за слепи и слабовидни играчи во Грција, минимално славеше со 2,5-1,5 над Литванија (рангирана на 17-то место, 1.712). Најзаслужен за победата беше Жарко Селковски (1.994, рангиран на 39-то место), кој на првата табла со бели фигури го победи Грубас Гинтарас (2.007), а преостанатите три партии завршија без победник. Зоран Костадиновски (1.928) ремизира со Евалдас Слуснис (1.747), Блаже Атанасовски (1.794) со Анатолиус Новиковас (1.715), а Трајче Димов (1.766) го подели поенот со Сигитас Бергинас (1.380).
Засега Селковски е најуспешен македонски шахист со четири поени од шест партии и според моментниот играчки перформанс од 2.152 рејтинг-поени (игра со силина на шахист со тој рејтинг) е 14-ти од 109 шахисти, а има освоено и 26,8 нови рејтинг-поени. Во седмото коло од предвидените девет, Македонија вчера играше со Романија, која пред ШО беше рангирана на 10-то место (1.892).

Во конкуренција на 22 репрезентации, Македонија по шест кола е 13-та со шест бода (10,5 поени по табли). Води бранителот на титулата, Русија, со 12 бода (19,5 по табли), втора е Полска со 10 (17), трета Индија со осум (13) итн.
– Оптимист сум и очекувам да се пласираме меѓу првите 16, а со тоа и да обезбедиме настап на Светското екипно првенство, кое следната година ќе се организира кај нас, во Охрид или во Струга – ни изјави селекторот на репрезентацијата, ВМ Трајко Недев.
Меѓународната асоцијација на слепи и слабовидни шахисти (ИБЦА), основана во 1958 година, го одржа својот Конгрес на Родос, на кој присуствуваа делегати од 28 држави. Во својот извештај, претседателот на ИБЦА, д-р Шарудат Јадав од Индија, истакна четири достигнувања во текот на изминатите четири години: регистрирање на ИБЦА како добротворна организација во Франција, прием на шест нови земји од Азија и од Америка како нови членки, одлична соработка со Светската шаховска федерација (ФИДЕ).