Дејан Стојановски

Поединечно од Македонците, ВМ Кирил Георгиев беше најуспешен со 4,5 поени од шест партии

ПО 6-ТО КОЛО НА ШАХОВСКАТА ИНТЕРНЕТ-ОЛИМПИЈАДА

Македонската шаховска репрезентација (2.224 просечен рејтинг) се најде на петтото место по првите два дена, односно одиграните шест кола на првата Шаховска олимпијада (ШО), што се игра преку интернет (15 минути плус пет секунди по секој потег по играч). Македонските шахисти се во Дивизијата 2, група Ц и пред вчерашните три последни кола против силните селекции на Шпанија, Холандија и на Словенија имаа 8 бода, односно остварија четири победи и два пораза со вкупно 22,5 поединечни поени по табли.

Во Дивизијата 2 има вкупно пет групи (А, Б, Ц и Д и Е) со по 10 селекции, а првите три од секоја група ќе се пласираат во т.н. Врвна дивизија, која ќе има 40 држави (дуелите се од 19 до 23 август), а таму според рејтингот водечка е Русија (2.599), пред Кина (2.595), САД (2.535) итн. Потоа ќе следува плејофот, со финале на 30 август. Вкупно играат 163 репрезентации на ШО, а има четири дивизии.

Од Македонците, ВМ Кирил Георгиев (2.666 р. поени во забрзан шах) беше најуспешен со 4,5 поени од шест партии, ИМ Дејан Стојановски 4/5, ЖФМ Моника Стојковска 2,5/6, Бојана Бејатовиќ 1,5/4, ИМ Тони Лазов 2,5/6, Ивана Манова 3/6, ИМ Никола Николовски 0,5/1 и ЖИМ Габриела Коскоска 2/2.
Секоја репрезентација се состои од шест натпреварувачи во мешан состав (по три машки и женски) и најмногу шест резерви, со тоа што по еден шахист и шахистка мора да бидат родени во 2000 година или помлади.


Резултати
1. коло: Македонија – Италија 1-5
2. коло: Естонија – Македонија 1,5-4,5
3. коло: Македонија – Јордан 4,5-1,5
4. коло: Португалија – Македонија 3,5-2,5
5. коло: Македонија – Швајцарија 4-2
6. коло: Албанија – Македонија 2-4

ВЧЕРА ИГРАА
7. коло: Македонија – Шпанија
8. коло: Македонија – Холандија
9. коло: Словенија – Македонија


Табела по 6. коло
ДРЖАВА бод. по табли
Шпанија 11 27,5
Италија 9 23
Холандија 8 24
Словенија 8 22,5
Македонија 8 20,5
Швајцарија 8 19
Албанија 4 18,5
Јордан 2 9,5
Португалија 2 8,5
Eстонија 0 7