Кирил Георгиев

ПРВА ШАХОВСКА ИНТЕРНЕТ-ОЛИМПИЈАДА

Македонската шаховска репрезентација (2.224 просечен рејтинг) го освои шестото место на првата Шаховска олимпијада (ШО) што се игра преку интернет (15 минути плус пет секунди по секој потег по играч), со освоени осум бода (четири победи и пет порази), односно 27 поени по табли. Македонските шахисти, кои настапија во Дивизијата 2, група Ц, на последниот трет натпреварувачки ден загубија од подоброрангираните Шпанија (1,5-4,5), Холандија (2,5-3,5) и од Словенија 92,5-3,5) и не успеаја да се пласираат во т.н. Врвна дивизија, каде што се најдоа само најдобрите три селекции. Претходно Македонија ги победи Естонија (4,5-1,5), Јордан (4,5-1,5), Швајцарија (4-2) и Албанија (4-2), а загуби од Италија (1-5) и од Португалија (2,5-3,5).
Поединечно, најдобар резултат на првата табла во оваа дивизија и група, оствари македонскиот велемајстор (ВМ) Кирил Георгиев (2.666 р. поени во забрзан шах), со 6,5 поени од девет партии (четири победи и пет ремија). Од другите, ИМ Дејан Стојановски 4/5, ЖФМ Моника Стојковска 3,5/9, Бојана Бејатовиќ (2,5/7), ИМ Тони Лазов (3,5/7), Ивана Манова 3/9, ИМ Филип Панчевски 1/2, ИМ Никола Николовски 0,5/2, ЖИМ Габриела Коскоска 2/2 и Емил Ристески 0,5/2.

– Задоволен сум од мојата игра, постигнав најдобар резултат на првата табла во нашата група. Имав уште неколку добиени партии, но поради временски недостиг, не успеав целосно да ги реализирам. Имавме многу тешка група со пет силни селекции, а три меча загубивме минимално и тоа се покажа како фатално – изјави Георгиев.
Во Дивизијата 2 имаше вкупно пет групи (А, Б, Ц, Д и Е) со по 10 селекции, а првите три од секоја група се пласираат во Врвната дивизија, која сега има 40 држави (дуелите се од 19 до 23 август), а таму според рејтингот водечка е Русија (2.599). Потоа ќе следува плејофот, а финалето е на 30 август. Секоја репрезентација се состои од шест натпреварувачи во мешан состав (по три машки и женски) и најмногу шест резерви, со тоа што по еден шахист и шахистка мора да бидат родени во 2000 година или да бидат помлади. 


Табела, Дивизија 2, Група Ц
Шпанија 15 бода (40 по табли), Холандија 14 (36,5) Италија 14 (35,5), Швајцарија 13 (32), Словенија 10 (30), Македонија 8 (27), Албанија 6 (23), Португалија 6 (20), Јордан 4 (14,5), Eстонија 0 (11,5).