Македонската репрезентација во групната фаза освои 15 бода, а од другите полуфиналисти, Унгарија 14, Хрватска 12, а Данска 11 бода. Фајналфор-турнирот е викендов во Струмица

ОДБОЈКА – СРЕБРЕНА ЛИГА

Пет победи во шест натпревари за македонската одбојкарска репрезентација во групата А во европската Сребрена лига е конечниот епилог по двата одиграни турнира, во Струмица и во Шлагелсе (Данска). Успехот е дотолку поголем што во конечната табела, црвено-жолтите имаат само еден пораз, 15 бода и вкупен сет-количник од 15-6, што е најдобар резултат од сите полуфиналисти годинава. На фајналфор-турнирот во Струмица викендов, покрај Македонија, се пласираа и Данска, како втора во групата А, и селекциите на Унгарија и на Хрватска, како најдобри од групата Б.
Остварена е уште една цел, но за конечна, а тоа е злато во Сребрената лига, потребни се уште две победи. По трите сребрени (во 2015, 2016 и во 2017 година) и едниот бронзен медал (2014-та), Македонија, предводена од селекторот Никола Матијашевиќ, е на прагот да го освои тронот во ова натпреварување.

В сабота, во полуфиналето во салата „Парк“, Македонија ќе игра со Хрватска. Втората полуфинална двојка е Унгарија – Данска. Финалето е в недела.
По победите изминатиов викенд во Шлагелсе над Данска со 3-0, со што Македонија ѝ се реваншира за поразот во Струмица (0-3), и над Израел со 3-1, во третиот меч беше совладан и Кипар, со 3-1 (25-22, 25-18, 18-25, 25-22). Капитенот Никола Ѓорѓиев со 26 поени беше предводник на теренот, Александар Љафтов оствари 11, Никола Маџунков 10, Стојан Илиев девет, Ристо Николов осум, Филип Деспотовски два поена…
Првото место викендов во Струмица ќе значи и можност за настап во Златната лига во 2022 година.


ГРУПА А

Македонија 6 5 1 15
Данска 6 4 2 11
Израел 6 2 4 6
Кипар 6 1 5 4

ГРУПА Б
Унгарија 6 5 1 14
Хрватска 6 4 2 12
Австрија 6 2 4 7
Луксембург 6 1 5 3

ПОЛУФИНАЛЕ
Македонија – Хрватска сабота
Унгарија – Данска сабота
турнирот се игра во Струмица, финалето е в недела