Презадоволна сум од сѐ што дадов на татамите. Привилегија е што бев дел од оваа приказна, а во втората изведба го постигнав мојот најдобар резултат во кариерата, изјави Јованоска по настапот

Пулексенија Јованоска го освои деветтото место во изведба на кати на дебитантскиот настап на карате-спортот на Олимписките игри (ОИ) во Токио. Со тоа Јованоска испиша историја во македонското карате и стана првата Македонка што настапила на едни (ОИ) во карате, спорт што во Токио го има премиерното издание. Јованоска (членка на КК Фунагоши Гичин), која во Токио настапи со вајлд-карта, имаше добра изведба на двете кати во квалификациите, со што го освои деветтото место, во конкуренција на 10 најдобри каратистки од целиот свет.
– Презадоволна сум од сѐ што дадов на татамите. Привилегија е што бев дел од оваа приказна. Завршив на деветтата позиција, а во втората изведба го постигнав мојот најдобар резултат во кариерата. Горда сум на себе за секоја секунда помината во сала сиве овие години. Имав голем притисок, свесна дека настапувам со најдобрите од светот, но бев фокусирана и концентрирана, свесна за сите мои досегашни тренинзи и жртви на татамите. Од почетокот до крајот на изведбата бев смирена, како што и тренирам. Олимпијада е огромна сцена, каратето првпат учествува, а јас чувствував дека припаѓам на таа сцена. Ние сме мала држава, а во мојата дисциплина исклучиво одлучуваат судиите. Сепак, покажав дека Македонија може да стои рамо до рамо со големите карате-сили – изјави Јованоска по настапот.

За изведбата на првата ката Јованоска доби 23,80 поени (16,66 за техничка изведба и 7,14 за спортска изведба), а за втората ката 24 поени (16,80 и 7,20), или вкупна оценка од 23,90. Тоа во оваа силна конкуренција беше доволно за петтото место во нејзината група. Прва во групата беше Сандра Санчез, со вкупна оценка 27,43, а крајниот збир изнесуваше 27,86.
Јованоска се натпреваруваше во групата А, заедно со Јасмин Јуетнер (Германија), Сакура Кокумаи (САД), Мо Шеунг Грејс Лау (Хонгконг) и првата фаворитка за златниот медал Сандра Санчез (Шпанија). Групата Б, пак, ја сочинуваа: Андреа Анакан (Нов Зеланд), Дилара Бозана (Турција), Александра Ферачи (Франција), Вивијана Ботаро (Италија) и Кију Шимизу (Јапонија). За првиот златен медал на ОИ во финалето требаше да се борат Сандра Санчез и Кију Шимизу.