Федерациите (100 во машка, 39 во женска конкуренција) треба да го номинираат кој било шахист по сопствен избор за настап на СП, покрај веќе квалификуваните шахисти по друга основа

ШАХ

Светската шаховска федерација (ФИДЕ), според неодамна ажурираните прописи за настап на Светско првенство (СП), избра 100 федерации (Македонија моментно е 50-та), според просечниот рејтинг на нивните 10 највисокорангирани шахисти на светската рејтинг-листа во декември 2020 година (не повеќе од 40 по континент).
Овие федерации треба да номинираат кој било шахист по сопствен избор за настап на СП, кој е регистриран во таа федерација до 5 јуни годинава (покрај веќе квалификуваните шахисти по друга основа, од ЕП во Рејкјавик во април годинава на СП треба да се пласираат 40 шахисти).
Кај СП за жени 39 федерации се избрани според просечниот рејтинг на нивните пет највисокорангирани шахистки на светската рејтинг-листа во декември лани (не повеќе од 15 по континент). Овие федерации треба да ја номинираат која било шахистка по свој избор (покрај шахистките што веќе се квалификувани по друга основа).
Како што беше веќе претходно најавено, СП за мажи се проширува од 128 на 206 шахисти, а за жени од 64 на 103 шахистки, со значително поголеми парични награди во двете конкуренции.