Македонија идната година ќе игра во Третата зона на Дејвис-купот

ТЕНИС

Македонската машка тениска репрезентација ја победи Молдавија со 2-1, во одлучувачкиот натпревар во групата Б, во Четвртата зона на Дејвис-купот, кој се играше на тениските терени на ТК Југ во Скопје, и обезбеди пласман во Третата европска зона, за 2022 година.

Македонските тенисери Калин Ивановски (победи со 6-1, 6-1) и Горазд Србљак (6-1, 6-0) забележаа две убедливи победи во поединечна конкуренција. Претходно македонските тенисери победија на дуелите со селекциите на Андора (3-0) и на Косово (3-0), а беа поразени од Сан Марино (1-2). Македонската тениска репрезентација го заврши турнирот на втората позиција во групата Б, со ист број победи и порази како и Молдавија и Сан Марино, па решавачки беше сет-количникот, Молдавците имаа 10-2 (добиени и загубени сетови), македонските тенисери остварија 9-3, а Сан Марино 7-5.

Освен репрезентациите на Македонија и на Молдавија, пласман во Третата зона на Дејвис-купот обезбедија и селекциите на Црна Гора и на Ерменија како најдобри од групата А.