Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонската репрезентација, која во вториот меч на турнирот во Скопје, во квалификациите за пласман на Европското првенство годинава, ја совлада БиХ, со 3-0, вечерва го игра решавачкиот меч со Турција

ОДБОЈКА

Победа на Македонија во вечерашниот меч против Турција во квалификациската група Ц во Скопје, односно тесен пораз од 2-3, што носи еден бод, и што повеќе освоени поени ќе значат реална шанса за пласман на Европското првенство (ЕП) годинава во одбојка. Ваквите калкулации се во игра по втората победа на Македонија над Босна и Херцеговина на турнирот, овој пат со 3-0 (25-20, 26-24, 25-13). Синоќа играа БиХ и Турција.
На континенталното првенство ќе играат првопласираните репрезентации од седумте квалификациски групи, како и петте второпласирани со најдобар ефект (бодови, поени итн.).
На ЕП 2021, кое ќе се одржи во Полска, Чешка, Естонија и во Финска, директно се пласираа Србија, Словенија, Франција, Русија, Италија, Украина, Германија и Белгија, според пласманот на ЕП 2019, потоа земјите-домаќини, како и Летонија како победник на квалификациската група Д. Во моментов се игра и во групата Б, а натпреварите во преостанатите четири квалификациски групи треба да се одиграат во мај.
Македонија против БиХ го одигра најдобриот меч на турнирот. Сѐ функционираше како што треба, од добриот сервис и напад до приемот на противничкиот сервис. Одличен натпревар одигра плејмејкерот Ѓорги Ѓоргиев, а на позицијата либеро се врати и внесе сигурност Дарко Ангеловски, кој не играше на првите два меча. Во нападот најдобри беа Александар Љафтов, кој забележа 21 поен, и капитенот Никола Ѓоргиев, со 17 поени.

– Турција останува фаворит, но ние ќе сториме сѐ за да ја изненадиме. Тоа значи дека ќе треба да играме многу подобро отколку на првиот меч, да бидеме поконцентрирани на приемот на нивниот сервис и грешките да ги сведеме на најмала мера – изјави Н. Ѓоргиев.
Македонија посакува да го поправи впечатокот од првиот меч, да биде на нивото како во вториот сет од првиот дуел и евентуално да победи.
– Вечерва очекувам и посакувам да одиграме барем два добри сета, нека бидат и три, и да победиме. Задоволен сум поради победата над БиХ, бидејќи не беше лесно да се соземеме по поразот од Турција – вели селекторот Никола Матијашевиќ.