Проектот што ќе трае до декември 2021 година и во кој се опфатени меѓу 500 и 600 деца од шест града и девет клуба во Македонија, го реализира Одбојкарската федерација на Македонија во соработка со Европската одбојкарска конфедерација, а е финансиран од Европската Унија преку програмата „Еразмус плус“

Во рамките на проектот „Играј одбојка, расти со неа“ што го реализира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) во соработка со Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), а е финансиран од Европската Унија (ЕУ) преку програмата „Еразмус плус“, ќе бидат опфатени шест града и девет клуба во Македонија.

– Станува збор за проект што има цел да ја промовира одбојката на базично, училишно ниво во кое се вклучени деца на возраст од 8 до 12 години. Во Скопје преку три клуба, Јанта волеј, Форца волеј и Вардар М, во Струмица во два, Наковски волеј и Џио Струмица, во Тетово во Бамикор, во Велес е Борец, во Пробиштип, Весна акумулатори и во Битола, Пелистер волеј. Еден од условите беше клубовите да вклучат по три основни училишта. Со најмладите заеднички работат тренерите и наставниците во нивните училишта. Во проектот што ќе трае до декември 2021 година, се опфатени меѓу 500 и 600 деца и засега сѐ оди во најдобар ред. Кон средината на следниот месец планираме и одржување дводневна работилница со тренерите и со наставниците, за размена на искуства и нови информации, на која ќе има и гости од ЦЕВ, од тимот за развој – информира Сања Никчевиќ, координаторка на проектот при ОФМ.

Носител на активностите на европско ниво е поранешниот македонски одбојкарски репрезентативец Вук Карановиќ, во улога на менаџер за развој во ЦЕВ. Неодамна на т.н. Спортски информативен ден, организиран од Европската комисија во Брисел, Карановиќ говореше за успешната имплементација на овој училиштен проект.

– Ова беше неизбежен чекор за ЦЕВ, бидејќи преку разни анкети и истражувања сфативме со какви тешкотии се соочуваат наставниците и тренерите, како и младите на почетното ниво на тренинзите. Затоа решивме да создадеме тим од експерти што ќе ги комбинира академските и практичните искуства за да создадеме еден вид изменета игра, подостапна за децата, а за наставниците полесна за презентација пред нив – вели Карановиќ.

Покрај ОФМ, во проектот учествуваат уште три национални одбојкарски федерации, на Естонија, Финска и на Словачка, а меѓу партнерите се и два универзитета од Германија и од Турција. Една од целите на секторот за развој при ЦЕВ била во проектот да учествуваат и образовни институции, кои имаат долгогодишно искуство во работата со одбојката на почетно ниво.

Карановиќ истакна дека искуството со одбојкарскиот проект „Еразмус плус“ е над сите негови и очекувањата на тимот за развој во ЦЕВ. Одлуката на ЕУ да го поддржи проектот со 360 илјади евра предизвикала позитивна реакција и кај раководството на ЦЕВ, кое решило да вложи исто толку средства во неговата имплементација.

– Наставниците по физичко образование, како една од целните групи, заслужуваат многу поголемо внимание од едукативните материјали и од обуките што им ги нудиме во рамките на проектот. Затоа бордот на ЦЕВ одобри дополнително финансирање за поддршка на реализацијата на Конвенцијата за тренери на која учествуваат наставници и тренери вклучени во проектот во рамките на нивните национални одбојкарски федерации. Еднаш годишно ЦЕВ собира околу 120 тренери и наставници по физичко воспитување од тие земји на тридневен настан, на кој ќе можат да учат од некои од најдобрите експерти во светот кога станува збор за одбојка на почетно ниво.

Сите трошоци се на сметка на ЦЕВ, која ќе помогне со донирање топки и мрежи за секое училиште што учествува во проектот со што ќе овозможи поголема достапност на одбојката до секое дете – објаснува Карановиќ, додавајќи оти ваквите проекти не се полезни само за одбојката или за спортот туку и за општеството во целина.

Носител на активностите на европско ниво е поранешниот македонски одбојкарски репрезентативец Вук Карановиќ, во улога на менаџер за развој во ЦЕВ

НАКРАТКО ЗА ПРОЕКТОТ

l целта е промоција на одбојката на училишно ниво
l вклучени се меѓу 500 и 600 деца од 8 до 12 години
l опфатени се по три основни училишта во Скопје, Струмица, Тетово, Велес, Пробиштип и во Битола
l ЦЕВ ќе донира топки и мрежи за секое училиште
l ангажирани се клубовите Јанта волеј, Форца волеј, Вардар М, Наковски волеј, Џио Струмица, Бамикор, Борец, Весна акумулатори и Пелистер волеј
l со најмладите работат тренерите и наставниците во нивните училишта
l проектот ќе трае до декември 2021 г., реализатор е ОФМ во соработка со ЦЕВ, а е финансиран од ЕУ, преку програмата „Еразмус плус“
l во проектот, покрај Македонија учествуваат и Естонија, Финска и Словачка, а меѓу партнерите се и два универзитета од Германија и од Турција