ЦЕВ на Македонија ѝ ја додели организацијата на Европското првенство за одбојкарки до 19 години

Македонија ја доби организацијата на Европското првенство (ЕП) во 2022 година за одбојкарки до 19 години, објави Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), која ја доби довербата од Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) првпат да организира вакво континентално натпреварување.

На ЕП 2022, кое треба да се одржи во периодот август – септември треба да настапат 12 репрезентации поделени во две групи, во два града во Македонија, кои дополнително ќе бидат одредени. Тоа ЕП треба да иницира омасовување на женската одбојка, како и формирање женска репрезентација на Македонија.

ОФМ поднесе апликација и за организација на ЕП 2023 за сениори, кое треба да се одржи во четири земји, како што беше за ЕП 2019 и ќе биде за следното, во 2021 година.

ОФМ доби поддршка и писмена гаранција од македонската влада, што беше основен предуслов за да се аплицира. За организацијата на ЕП 2023 се заинтересирани повеќе земји со поголемо организациско искуство од Македонија, што значи дека ЦЕВ ќе има доста работа при донесувањето на одлуката за земјите-домаќини. Првичните информации за оваа тема се очекуваат до крајот на март в година. Во меѓувреме, во јануари во Луксембург треба да се влече и ждрепката за составот на квалификациските групи за пласман на ЕП 2021.