Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија го освои второто место во квалификациската група Ц, зад Турција, со што практично осигури повторен настап на завршниот турнир на Европското првенство, кое годинава треба да се одржи во Полска, Чешка, Естонија и во Финска

ОДБОЈКА

Целта е остварена. Машката одбојкарска репрезентација на Македонија го освои второто место на квалификацискиот турнир во Скопје, во групата Ц, зад Турција, со што го осигури вториот настап на Европското првенство (ЕП), кое годинава треба да се одржи во Полска, Чешка, Естонија и во Финска.
– Прекрасно е чувството повторно да се настапи на ЕП, ова е историја за оваа генерација, за македонската одбојка. Горд сум на моите колеги одбојкари, одигравме зрело, иако бевме под голем стрес. Немав дилеми дека сме добра репрезентација, но ни требаше малку време да фатиме ритам, бидејќи немавме играно заедно 14 месеци. Но на последните два меча работите си дојдоа на свое место, одигравме најдобро кога беше најпотребно – изјави капитенот на Македонија, Никола Ѓоргиев.
Македонија забележа вредна победа во решавачкиот, втор меч против Турција, со 3-1 (25-19, 21-25, 25-23, 25-18) и се реваншира за поразот во првиот меч, кој го загуби со 1-3. Незадржливи во нападот беа капитенот Никола Ѓоргиев и Александар Љафтов, кои забележаа 24, односно 23 поени. Но треба да се истакне и добрата игра во одбраната, како и приемот на сервисот на противникот, работи што недостигаа во првиот меч.
Македонија двапати ја совлада Босна и Херцеговина, со 3-1 и со 3-0 и е втора, со ист број бодови како и Турција, девет, поради послабиот сет-количник. Турција како првопласирана во групата го завери учеството на Европското првенство, а Македонија ќе мора да причека до мај, до завршувањето на преостанатите четири квалификациски турнири за официјална промоција. Но, со оглед на трите победи и деветте бода, работата е веќе завршена и може да се размислува за новиот, втор настап на ЕП, по дебито на ЕП 2019 во Љубљана.

На ЕП 2021 ќе играат првопласираните репрезентации од седумте групи (Бугарија, Турција и Летонија, од групите Б, Ц и Д), како и петте второпласирани со најдобар ефект (бодови, поени итн.). Засега во прв план се Македонија (група Ц) и Шпанија (Д).
Во завршницата директно, според пласманот од ЕП 2019, веќе се Србија, Словенија, Франција, Русија, Италија, Украина, Германија и Белгија, како и четирите земји-домаќини.
– Презадоволен сум, одигравме два одлични меча, последниот против Турција, како и вториот против БиХ, по несигурната игра на првите два меча. Како да ни требаше малку време да се соземеме, слично беше и на ЕП 2019. Мислам дека заслуживме нов настап на ЕП. Им честитам на сите одбојкари за успехот, особено би ги издвоил носителите на играта, Никола и Ѓорги Ѓоргиев, како и Александар Љафтов, кои беа најдобри кога беше најпотребно – изјави селекторот на Македонија, Никола Матијашевиќ.

Капитенот Никола Ѓоргиев, кој одигра на високо ниво, како што се очекуваше од него, беше и најефикасниот во редовите на Македонија. Но во оваа пригода треба да се истакнат и другите одбојкари што имаа удел во успехот. Тоа се Ѓорѓи Ѓоргиев, Александар Љафтов, Владо Милев, Ристо Николов, Иван Андонов, Дарко Ангеловски, Филип Деспотовски, Филип Николовски, Васе Михаилов, Стојан Илиев, Лука Костиќ, Филип Савовски и Филип Маџунков, кој поради повредата на мускулот мечевите ги следеше од трибините. Заслуги секако имаат и селекторот Матијашевиќ, под чие водство беше изборен и деби-настапот на ЕП 2019, и неговиот помошник Душко Николиќ. 


ПЕТАР ЈОВАНОВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ОФМ
Макотрпната работа даде плод

Беше тешко, но го реализиравме тоа што го планиравме. Десет години макотрпно работиме со оваа генерација и, еве, резултатите стигнуваат во нов, втор пласман на ЕП. Добра околност е што доаѓаат и млади, талентирани одбојкари, кои има што да наследат и да продолжат понатаму. Но потребна е и многу посериозна и постручна работа во клубовите во Македонија, а ова би требало да биде голем поттик за сите во овој спорт. Ние како Одбојкарска федерација на Македонија очекуваме финансиска и друг вид поддршка од Европската одбојкарска конфедерација, која преку нас ќе биде пренасочена и за клубовите, вели Петар Јовановски, претседател на Одбојкарска федерација на Македонија. 


ГРУПА Ц

Македонија – БиХ 3-1
БиХ – Турција 0-3
Турција – Македонија 3-1
БиХ – Македонија 0-3
Турција – БиХ 3-0
Македонија – Турција 3-1
ТАБЕЛА
Турција 4 3 1 10-4 9
Македонија 4 3 1 10-5 9
БиХ 4 0 4 1-12 0