Покрај физичката и тактичката подготовка, треба да бидам и психички подготвен, да останам смирен и, секако, фокусиран на татамите, оти олимписката норма може да ни донесе и медал на ЛОИ како нација, вели Георгиевски

ДЕЈАН ГЕОРГИЕВСКИ, ТАЕКВОНДО

Зад себе има богата колекција медали. Тој е носител на бронза од Европското првенство (ЕП) до 21 година и на злато од сениорското Европско првенство во 2017 година со само 18 години, потоа бронза од ЕП (до 21 год.) во 2018 година, сребро од Медитеранските игри пред две години, а најновото сребро го освои неодамна на ЕП во Сараево. Таеквондистот Дејан Георгиевски (21), член на ТК Бутел од Скопје, е на вистинскиот пат да обезбеди настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2021 година. Нормата ќе ја бара на квалификацискиот турнир кон крајот на јануари во Софија, каде што финалистите ќе имаат билет за Токио, а таму, пак, во секоја категорија ќе има по 16 натпреварувачи.
– Иако сите знаеме колку оваа пандемија го промени светот, а особено спортот, сепак, немам некои посериозни тешкотии кога е во прашање мојата форма. Моите тренери Борче и Дарко Костовски се погрижија да немам никаков застој во тренажниот процес, а хендикеп беше само што немавме натпревари. Формата ми е на завидно ниво, а за тоа е доказ и последното Европско првенство. Сите во квалификациите ги познавам и со сите сум се борел, како актуелниот олимписки и поранешен светски првак, Радик Исаев од Азербејџан, кого го победив пред две години, Емре Атесли од Турција, со кого сум 1-1 – вели Георгиевски, повеќекратен првак на Македонија, моментално 40-ти на олимписката и 25-ти на светската ранг-листа.

Георгиевски беше хендикепиран во однос на збирот на бодови, затоа што во овој циклус на квалификации за ЛОИ, поради тоа што беше јуниор, собираше бодови само две години, додека преостанатите го правеа тоа четири години. За ЛОИ 2024 во Париз, пак, и тој ќе тргне како и сите други. Георгиевски, кој е стипендист на Македонскиот олимписки комитет и кој настапува во категоријата над 87 кг, не е оптоварен што е на чекор до ЛОИ во Токио.
– Постои мал, но позитивен притисок. Сепак, ЛОИ се сон за секој спортист, но гледам да не брзам кон целта туку да се подготвувам за истата таа и на тој начин да ја остварам. Покрај физичката и тактичката подготовка, треба да бидам и психички подготвен, да останам смирен и, секако, фокусиран на татамите, оти олимписката норма може да ни донесе и медал на ЛОИ како нација – смета Георгиевски, кој на сите во новата година им посакува многу здравје и љубов, а за себе квалитетни подготовки за олимписките квалификации.

[email protected]