ШАХ – ТУРНИР НА КАНДИДАТИ

Кинескиот велемајстор (ВМ) Лирен Динг по неочекуваните два почетни пораза, го доби дербито во третото коло против Американецот Фабијано Каруана и се врати во игра за врвот на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак во шах, што се игра во Екатеринбург (Русија) во 14 кола. Каруана годинава влезе со 28 партии во низа без пораз, а последен пат загубил на 26 август 2019 година, и тоа токму од Лирен.

Каруана во словенска одбрана го изненади во отворањето, па Лирен мораше да троши многу време за размислување, така што по 16-от потег имаше уште 16 минути за преостанатите 24. Решавачката предноста ја стекна по 27-от потег, а славеше во 59-от. Преостанатите три партии завршија со реми, Александар Гришчук – Хао Ванг, Аниш Гири – Максим Вашер-Лаграв и Кирил Алексенко – Јан Непомнијашчи. Вчера беше првиот слободен ден на турнирот.

Во меѓувреме ФИДЕ презеде построги мерки за здравјето на шахистите поради ситуацијата со коронавирусот, па, така, салата за игра сега е ограничена само за играчите, судиите, организацискиот одбор и техничкиот персонал.
Табела по три кола: Непомнијашчи (2.774 рејтинг поени), Вашер-Лаграв (2.767) и Ванг (2.762) по два поена, Каруана (2.842) и Гришчук (2.777) по 1,5, а Динг (2.802), Гири (2.763) и Алексенко (2.698) по еден.