Мариус Линдвик

Норвежанецот Мариус Линдвик (21) беше сензационалниот победник во Гармиш-Партенкирхен, на вториот натпревар на 68. издание на новогодишната турнеја „Четири скокалници“ со фантастичниот скок од 143,5 метри во првата серија. Карл Гајгер од Германија и Полјакот Давид Кубацки ги освоија второто и третото место (како и во Оберсдорф, но таму зад Јапонецот Роју Кобајаши), пред 21.000 гледачи на распродадениот олимписки стадион.

Линдвик, чиј најдобар резултат во кариерата беше третото место, со тој скок од 143,5 метри го израмни рекордот на скокалницата на Швајцарецот Симон Аман од пред 10 години. Воедно, Линдвик го спречи Кобајаши да стане првиот скијач што победува на шест натпревари во низа на Новогодишната турнеја. Лани тој победи на четирите скокалници како трет скијач во историјата на ова натпреварување на кого тоа му успеало, по Германецот Свен Ханавалд во 2002 година и Полјакот Камил Штох во 2018 година.

– Пресреќен сум, бидејќи првата победа во Светскиот куп ја забележав на толку важен натпревар и тоа во Гармиш-Партенкирхен – рече Линдвик.

Роју Кобајаши (23), бранителот на титулата од лани, победи на првиот натпревар во Оберсдорф, негов петти триумф по ред на Новогодишната турнеја, вкупно 16-та победа во кариерата. Во генералниот поредок по првите два натпревари (Оберсдорф и Гармиш-Партенкирхен) во водство е Кобајаши со 587,2 поени. Зад него се Гајгер со 580,9 и Кубацки со 578,7 поени, а Линдвик е на четвртото место со 568,3 поени. На ред се двата натпревари во Австрија, утре во Инсбрук и в понеделник во Бишофсхофен.

Новогодишната турнеја почна на 1 јануари 1953 година, со првиот натпревар во Гармиш-Партенкирхен, пред 20.000 гледачи. Победник на тој натпревар беше Норвежанецот Ерлинг Крокен, а прв вкупен победник, Австриецот Сеп Брадл. Л.Д